Европската федерација на новинари (European Federation of Journalists - EFJ) објави дека ќе престане да објавува на социјалната платформа X во сопственост на Илон Маск од 20 јануари 2025 година, кога Доналд Трамп и официјално ќе стане 47-ми претседател на Соединетите Американски Држави.
Организацијата соопшти дека „веќе не може етички да учествува во социјална мрежа која нејзиниот сопственик ја претвори во дезинформативна и пропагандна машина“.
Се придружува на Guardian и на некои европски медиуми, вклучувајќи ги Dagens Nyheter, La Vanguardia, Ouest-France и Sud-Ouest кои ја напуштија платформата поради влијанието на Маск врз неа. EFJ е најголемата асоцијација на новинари во Европа, која претставува над 295.000 новинари во 44 земји.
Генералниот секретар на организацијата Рикардо Гутиерес напиша дека соработката меѓу претседателот на најмоќната земја во светот Доналд Џеј Трамп и најбогатиот човек во светот Илон Маск, сопственикот на социјалната мрежа Х и иден член на администрацијата на Трамп, е закана за демократијата и слободата на изразување.
Претседателката на EFJ, Маја Север, рече дека „не можеме да продолжиме да учествуваме во социјалната мрежа на човек кој прокламира смрт на медиумите, а со тоа и на новинарите“.
X-odus: As of 20 January 2025, we have decided to stop publishing content on Elon Musk's platform X. We can no longer ethically participate in a social network that its owner has transformed into a machine of disinformation and propaganda. 👇https://t.co/NTwnC63vhs
— EFJ (@efjeurope) November 26, 2024
„Социјалната платформа X стана омилен медиум за теории на заговор, расизам, екстремно десничарски идеи и мизогинска реторика. X е платформа која веќе воопшто не работи во јавен интерес, туку во посебни идеолошки и финансиски интереси на нејзиниот сопственик и неговите политички сојузници“, додаде Гутиерес.
„Развојот на уредувачката политика на X, откако беше преземен од Илон Маск, е едноставно некомпатибилен со нашите хуманистички вредности, нашата посветеност на слободата на печатот и медиумскиот плурализам и нашата борба против сите форми на омраза и дискриминација. Одлуката за суспензија нашата сметка @EFJEUROPE ни се чинеше јасна и ги покануваме сите наши членови и сите организации кои ја бранат слободата на изразување да се преселат на други платформи“, заклучи тој.