
Европската комисија очекува и бара српските власти да спроведат транспарентна и веродостојна истрага за наводите дека во саботата против демонстрантите во Белград бил употребен т.н. звучен топ, оружје што е забрането.
„Видовме извештаи за наводи дека ова е искористено против демонстрантите. Очекуваме брза, транспарентна и веродостојна истрага за овие наводи“, рече портпаролот на Европската комисија Гијом Мерсие.
Тој додаде дека властите мора да ги заштитат учесниците на протестите од насилство.
На новинарско прашање дали тоа значи дека се бара истрага од влада која голем број граѓани ја сметаат за веродостојна, дека овие граѓани бараат оставки и формирање преодна влада и дека нема да им веруваат на резултатите од официјалната истрага, портпаролот Мерсие рече дека не сака да влезе во таа дискусија.
„Она што го очекуваме е властите да спроведат истрага“, рече тој.
На прашањето да го коментира одбивањето на Србија да дозволи влез на новинарски тимови од Хрватска и Словенија, Мерсие рече дека Комисијата очекува Србија да ги почитува слободата на медиумите и слободата на изразување и дека мора да обезбеди пристап на новинарите до информации, вклучително и гранични премини и слобода на движење.
Мерсие избегна да одговори и на тврдењето дека властите во Србија сега ги истражуваат оние кои предупредија на можноста дека е употребен звучен топ.
Главниот портпарол на Комисијата, Пола Пињо, потврди дека претседателот на Комисијата следната недела ќе разговара со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Неофицијално се дознава дека претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Антонио Коста ќе разговараат со Вучиќ за време на работната вечера во вторник на 25 март.