Apple се најде во уште една незавидна ситуација со Европската комисија, која ја повика компанијата од Купертино да престане со практиките за гео-блокирање во App Store, Apple Arcade, Apple Music, iTunes Store, а истото важи и за апликациите Books и Podcasts.
Европската комисија, заедно со Consumer Protection Cooperation (CPC) Network бара од Apple да ги усогласи своите практики со правилата на Европската Унија против геоблокирање.
CPC Network утврди дека Apple Media Services, чадор термин кој се однесува на сите претходно споменати услуги на Apple, имаат различен кориснички интерфејс за различни земји од Европската Унија и Европската економска област. Во верзиите на апликациите на овие услуги, на потрошувачите им е дозволен пристап до интерфејс дизајниран за нивната земја каде што го регистрирале својот Apple профил. Тие „се соочуваат со значителни предизвици кога се обидуваат да го променат тоа“, што не е дозволено според правилата за антигео-блокирање.
Дополнително, кога купуваат на платформата Apple Media Services, потрошувачите можат да користат само картички издадени во земјата каде што го регистрирале својот Apple профил, а исто така не им е дозволено да преземаат апликации понудени во други земји. Европската комисија и CPC Network инсистираат потрошувачите да можат да преземаат апликации понудени во други земји на ЕУ/ЕЕА кога патуваат или привремено престојуваат во една од тие земји.
Регулативите за гео-блокирање забрануваат неоправдана дискриминација меѓу клиентите на ЕУ врз основа на нивната националност, живеалиште или седиште кога сакаат да купат стоки и услуги од трговци лоцирани во друга земја на ЕУ. Истрагата ја водеа белгискиот генерален директорат за економски инспекции, германскиот Bundesnetzagentur и ирската комисија за заштита на конкуренцијата и заштита на потрошувачите, а сè беше координирано од Европската комисија.
Apple сега има еден месец да одговори на овие факти и да предложи начини за справување со практиките за гео-блокирање. Доколку Apple не ги реши овие прашања, националните власти за заштита на потрошувачите може да преземат мерки за да обезбедат усогласеност.