Европскиот парламент ги повика сите членки на ЕУ да ги признаaт истополовите бракови.
Повеќето членови на Европскиот парламент го поддржаа предлогот со кој се бара признавање на истополовите бракови и регистрирани партнерства во сите земји членки на ЕУ.
Резолуцијата со која ЕП бара ЕУ да ги отстрани сите пречки со кои се соочуваат ЛГБТ лицата при остварување на своите основни права, ја поддржаа 387 пратеници, а 161 пратеник гласаше против, воздржани 123.
Во резолуцијата се наведува дека истополовите двојки треба да бидат третирани на ист начин како и хетеросексуалците, а браковите склопени во една од земјите на ЕУ треба да бидат признаени и во останатите земји членки.
Исти права за сите
Повеќето пратеници во ЕП сметаат дека и семејствата на истополовите двојки и парови треба да имаат еднакви права како и хетеросексуалците и тоа во сите земји на Унијата.
Пратениците ја повикаа Европската комисија да преземе мерки против Романија, Унгарија и Полска бидејќи ги кршат правата и слободата на хомосексуалците.
Во Унгарија во јули оваа година стапи во сила закон со кој во училиштата се забранува користење на содржини поврзани за хомосексуалност и трансродност.
Во Полска пак, минатата година голем број градови и покраини го прогласија својот простор за „слободен од ЛГБТ идеологија“.