Вести

Европските колонизатори ја промениле климата со истребување на Индијанците

7. февруари 2019 - 17:54 | Б.С.Б.

Кога Европејците пристигнале во Америка предизвикале толку смрт и болести што ја промениле глобалната клима, открива ново истражување на Универзитетскиот колеџ во Лондон.

Во текот на 100 години европските доселеници убиле 56 милиони припадници на племиња во Јужна, Средна и Северна Америка. Со тоа предизвикале напуштање и загадување на големи земјоделски површини.

„До моментот кога Колумбо пристигнал на американска земја во 1492 година, количината на јаглерод диоксид и климата биле релативно стабилни. До промена дошло во 1610 година. Значи, тоа е првата голема промена што ја гледаме“, вели Марк Маслин, професор по географија и еден од учесниците во истражувањето.

Пред ова истражување некои научници тврдеа дека температурните промени во 17 век се предизвикани од природни сили. Но, со комбинирање на археолошки докази, историски податоци и анализи, истражувачите откриле дека пошумувањето, кое е директно поврзано со доаѓањето на Европејците, е клучна компонента за глобалното заладување.

„Единствена причина поради која дошло до мало ледено доба во 17 век е геноцидот над милиони луѓе“, изјави Маслин за CNN.

 Тој истакнува дека смртта на домородните Американци директно придонела за успехот на европската економија. Природните ресурси и храната од Америка помогнале во ширењето на европската популација и индустриската револуција.

Коментирај