Музика

Евровизија 2019: Ни Мадона не помогна за подобрување на гледаноста

28. мај 2019 - 15:29 | А.С.

Изборот за песна на Евровизија 2019 што се одржа во Тел Авив, Израел го гледаа 182 милиони гледачи на 40 пазари, соопшти денеска ЕБУ.

Финалето на 18 мај во кое гостување имаше и поп-иконата Мадона, траеше речиси четири часа и привлече побројна ТВ-публика за еден процент во споредба со лани. Шоуто имаше 40 милиони уникатни прегледи од 225 територии преку YouTube. Поголемиот дел од гледачите биле на возраст до 35 години.

Гледаноста сепак беше помала во споредба со лани, кога 186 милиони луѓе го следеле најголемото музичко шоу во Европа и светот.

Холанѓанецот Данкан Лоренс со вкупно 498 поени победи со песната „Arcade“, што беше прва победа за неговата земја во 44 години настапување на Евровизија.

Претставничката на Северна Македонија, Тамара Тодевска со песната „Proud“ по измената на конечните резултати заврши на седмото место со 305 гласови, што беше најголем успех на нашата земја во досегашното учество на Евросонг.

На второ место е Италија, а на трето Русија, па не изненадува податокот дека најголема гледаност имаше од овие две земји. Речиси тројца од четворица ТВ-гледачи го следеле финалето во Холандија или вкупно 4,5 милиони гледачи, според ЕБУ.

Во Италија 3,4 милиони луѓе ја гледале евровизската финална вечер, што е за 5 проценти повеќе од лани.

Најбројна публика, деветта година по ред, имаше од Германија, земја со најмногу жители во Европа по Русија. Евросонг го гледале 7,6 милиони луѓе.

Коментирај