Музика

Евровизија 2019: Спектакл со специјално појавување на Гал Гадот

8. мај 2019 - 16:47 | АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА

Објавени се деталите за Изборот за песна на Евровизија 2019 што годинава ќе се одржи во Тел Авив, по ланската победа на израелската претставничка Нета.

Нета ќе ги поздрави публиката и учесниците од „најдобриот авионски лет во животот“ што ќе слета директно на Парадата на знамињата.

Дана Интернешенал ќе ја отвори сцената со трибјут на мегахитот „Tel Aviv“ на Омер Адам и нејзината победничка евровизиска песна „Diva“.

Холивудската ѕвезда со израелско потекло Гал Гадот која се прослави со улогата во „Wonder Woman“ ќе има „специјален перформанс“ на финалната вечер.

Оваа година Евровизија ќе биде спектакл, а за тоа зборува и фактот дека светската музичка ѕвезда Мадона ќе настапи на финалната вечер со две песни.

Трите евровизиски вечери ќе ги водат Ерез Тал, Аси Азар, Луси Ајоб и светски познатиот супермодел Бар Рафаели.

Изборот за песна на Евровизија ќе се одржи на 14, 16 и 18 мај во Expo Tel Aviv.

Македонскиот евровизиски тим на Тамара Тодевска завчера пристигна во Тел Авив, а нашата претставничка на Изборот за песна на Евровизија вчера ја имаше првата проба.

Тамара се појави на евровизиската сцена во темнозелен фустан, креација на македонскиот дизајнер Александар Ношпал, а на настапот ќе носи и накит на Ксенија Котев.

Претставничката на Северна Македонија ќе настапи со песната „Горда“ (Proud) на втората полуфинална вечер закажана за 16 мај, а придружни вокали ќе ѝ бидат Антонија Гиговска, Александра Јанева и Васил Гарванлиев.

„Горда“ e авторско дело на тимот: Роберт Билбилов, Лазар Цветковски и Дарко Димитров (музика) и текст на Коста Петров и Сања Поповска. Музичкото видео го режираше Чедо Поповски.

Коментирај