Чек дис аут

Eзеро на љубовта: Две срца среде пустина

13. ноември 2019 - 15:34 | А.С.

Езерото на љубовта е уште една атракција направна за да се привлечат туристи во Дубаи. Направено е среде пустина, во форма на две срца што се преплетуваат.

Дубаи постојано го изненадува остатокот од светот со нови дизајни и архитектура – сѐ што нема, а таму сметаат дека треба да постои, веднаш ќе го направат.

Така е направен проектот Dubai Miracle Garden, острови во форма на палми (најголемите вештачки острови на светот) и ски-центар во трговски центар.

Со оглед на тоа дека се наоѓа во пустина, било одлучено градот да се збогати со водени површини, па така било создадено ова езеро. Атракцијата станува сѐ попопуларна бидејќи му се допаднала и на принцот Хамдан бин Мохамед бин Рашид ал Мактум.

Езерото на љубовта е толку големо што може да се види од вселената. Делува многу необично, опкружено со пустински песок од сите страни. Околу него се засадени дрвја по шема, така што гледано од птичја перспектива го „испишуваат“ зборот love (љубов).

Просторот околу езерото е уреден за шетање и одмор, а атракцијата е популарна и за двојки на различни возрасти, особено како локација за свадбени фотографии.

Коментирај