Зголемениот број на инвеститори предизвика недостиг на работници во Словенија, па во одредени сектори се нудат парични награди за оние кои ќе донесат нова работна сила.
Словенечкото стопанство расте и се потпира главно на извозот кој сочинува 80% од БДП на земјата. Недостигот на кадар, посебно заварувачи во фабриката за производство на издувни системи во Чрномељ, беше причина компанијата да понуди парични стимулации за вработените кои ќе донесат нови колеги.
Оној кој ќе препорача или ќе донесе нов работник, добива стимулација од 250 евра. Во изминатите четири години инвестициите во Словенија се зголемиле за 4,5 милијарди евра.
Тоа особено се чувствува во малите, помалку развиени средини, објавуваат економските портали.
Кај Марибор се гради фабрика на најголемиот производител на автоделови Magna, а во Логатец инвеститори од Јапонија отвораат производни хали за роботи и медицинска опрема.
Тоа се околу 1.000 нови работни места во земјата со само 5% невработеност.
Словенечката влада се согласи на барањето на левицата да се зголеми минималната плата на 640 евра. До 2021 година минималецот во Словенија ќе изнесува 730 евра.
Синдикалците ја поздравија оваа одлука, а словенечките работодавци се плашат дека тоа ќе ја намали конкурентноста, па бараат помали даноци. Ако продолжат инвестициите во Словенија, ќе порасне и животниот стандард, а тоа ќе го почувствуваат и работниците од соседните земји кои доаѓаат да работат во оваа земја.