Филм & ТВ

Фановите на Disney веќе ја мразат новата „Хакуна Матата“

14. јули 2019 - 15:02 | К.З.

Уште откако Disney почна да ги произведува играните филмови што се дел од римејк-револуцијата на легендарните наслови од нивната анимирана постава на филмови, фановите беа поделени околу мислењето за нив. Некои ги сметаа за генијални, други пак мислеа дека тие тотално ја промашиле поентата. Сега, изгледа дека сите се сложија околу критиките за верзијата на „Хакуна Матата“ која се појавува во новиот „The Lion King“.

Веќе ги видовме играните верзии на „Cinderella“ и „Beauty and the Beast“, кои беа одлично прифатени од критачарите и публиката, но затоа филмови како „Dumbo“ добија многу негативни критики. Кога Disney го најави римејкот на „The Lion King“, знаеше во што се впушта, бидејќи многумина се чувствуваат емотивно поврзани со оригиналниот „најдобар анимиран филм на сите времиња“.

Иако мал исечок од долгометражен филм не мора да значи ништо, сепак фановите имаа многу да кажат за верзијата на „Хакуна Матата“ која се појавува во играниот „The Lion King“. Видеото премиерно беше прикажано во шоуто на Џими Кимел, а забелешките и критиките беа воглавно негативни.

Она што беше ветено како „весела, разиграна верзија на анимираниот филм“ во видеото изгледа како досадна, премногу реалистична верзија што со сигурност нема да ја забавува публиката за која е наменет филмот – најмладите генерации.

Колку и да е импресивен фактот што Disney успеа да направи животните во филмот да изгледаат исто како вистински, се чини дека поентата на филмот е целосно промашена. Никој во публиката не бараше реализам. Се работи за филм кој раскажува приказна за кралството на животните, и тоа се животни кои зборуваат – колку е тоа реално?

Песната „Хакуна Матата“ остана неизменета, но сцените од анимираниот и играниот филм не можат да бидат поразлични. Наместо весели и разиграни ликови, добивме животни кои изгледаат како да се излезени од документарен филм на Discovery.

Премиерата на „The Lion King“ се случува наредниот четврток, на 19 јули. Дури тогаш, откако ќе имаме поглед кон целиот филм, ќе можеме да одлучиме дали она што го направи Disney е обид за прераскажување на легендарното анимирано дело за новата публика или пак само уште еден мрзелив обид да се заработат пари од добро познатиот наслов, без притоа да се користи поголема имагинација.

Коментирај