Досега ликот на Вулверин на филмското платно го глумеше Хју Џекмен, кој стана синоним за улогата и неизоставен дел од франшизата за популарните X-Men. Но, тој официјално се пензионираше од улогата во 2017 година, а сега фановите имаат невообичаен избор за негов наследник.
Некој досетлив фан на X-Men реши да направи петиција за Дени Девито да биде новиот Вулверин, а до овој момент преку 22.000 луѓе ставија потпис на ваквото барање.
„Само еден може да го преземе тронот од Хју Џекмен. Веруваме дека ако Вулверин треба повторно да се појави во филмскиот универзум на Marvel, единствениот човек кој е способен да ја одглуми улогата е Дени Девито“, напиша корисникот потпишан како Ring Arius во петицијата.
Студиото 20th Century Fox досега ги имаше правата за екранизирање на ликовите од X-Men, но од оваа година Disney ја откупи оваа компанијата и има намера да го вметне ликот на Вулверин во филмовите од нивниот филмски универзум.
„Неговото ниво на себеомраза и непотребна агресивност кон другите потсетува на Вулверин. Двајцата пијат како риба извадена од вода и пушат повеќе од Фидел Кастро. Дени Девито Е Вулверин“, напиша еден од потписниците на петицијата.
Засега не постои потврда дека Вулверин ќе се појави во новите филмови од франшизата на Marvel, но фановите и медиумите веќе шпекулираат дека популарниот Логан ќе се врати од „пензија“.