Бизнис

Фати криза и во Mercedes: Далеку помали годишни бонуси за вработените

12. февруари 2020 - 12:15 | А.С.

Германски Daimler ќе им исплати на своите вработени годишен бонус од само 597 евра за 2019 година, за разлика од лани кога за претходната година добија по неверојатни 4.965 евра по работник.

Причината за ваквиот драстичен пад на наградите за вработените треба да се бара во намалениот годишен профит на компанијата кој е основата врз која се пресметуваат бонусите.

Профитот пред пресметување на расходите и даноците беше намален за 61% на годишно ниво и изнесуваше 4,3 милијарди евра, иако вкупните приходи за 2019 година беа незначително повисоки во однос на 2018 година.

Профитот е помал и поради скандалот со издувните гасови кој Daimler, матичната компанија на Mercedes, може да ја чини милијарди евра. Дополнителен „проблем“ е што ова се случува во време на засилена електрификација во автомобилската индустрија, што секако го зафати и Mercedes.

Така, годинава околу 130.000 работници ќе добијат 597 евра годишен бонус. Оваа сума се однесува на парите што им следуваат на работниците врз основа на годишниот профит на компанијата. На вработените ќе им биде исплатен и посебен еднократен бонус во износ од 500 евра по човек, како награда за нивниот труд.

Daimler на работниците им дели бонуси базирани на профитот на компанијата од 1997 година.

Коментирај