Македонија

Фатиме Фетаи бара заострување на критериумите за избор на шеф и обвинители на ЈО

28. јануари 2020 - 19:16 | МИА

Скопје, 28 јануари 2020 (МИА) – Обвинителката од поранешното Специјално јавно обвинителство Фатиме Фетаи на јавната расправа за законот за јавното обвинителство побара обвинителите за организиран криминал и корупција да можат да постапуваат и пред Апелациски суд, а не тоа да го прави виш јавен обвинител, и да се заострат критериумите за избор на шеф и обвинители на ова јавно обвинителство.

– Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција треба да постапува освен пред Oсновниот, и пред Апелациониот суд Скопје, и со тоа да му биде променет називот во Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, рече Фетаи.

Со постапување на виш обвинител, посочи, се одолговлекува постапката, можноста за влијание врз тие постапки значително е зголемена, а кратките рокови не дозволуваат тој обвинител да изгради правно издржан став и тоа да го каже пред Апелациониот суд.

Во однос на изборот на шеф и на обвинители, Фетаи смета дека таа треба да биде вклучена и мониторирана од Канцеларијата на ЕУ во Скопје, како и да има право да даде мислење за тие кандидати. Таа побара исто така јавноста да биде максимално вклучена, како што пред неа кажа Слаѓана Тасева од Транспаренси Интернешнл.

Професорот Гордан Калајџиев смета дека едно од можните решенија е целосно ново обвинителство за организиран криминал кое ќе добие поголема автономност, по принципот на СЈО, но да не може да го води актуелниот обвинител.

– Овие постапки што се спорни, не може ниеден политички субјект да ги воскресне, рече Калајџиев.

Професорката Тања Каракамишева вели дека законското решение е спротивен на Уставот и затоа смета дека оваа верзија на законот треба да биде доработена.

Каракамишева смета дека текстот на законот за јавно обвинителство треба да биде испратен до Венецијанската комисија за добивање итно мислење за да се оцени неговата содржина и усогласеност со легислативата на ЕУ и со меѓународните стандарди.

Според професорката, законот се злоупотребува за, како што рече, да се вдомат кадрите на СЈО и да се вметнат надлежностите на СЈО.

– Ако беше реформски акт ова ќе беше целосно нов текст, рече Каракамишева.

Пензионирата судијка Виолета Дума во однос на затворањето на предметите започнати од СЈО кажа дека тоа може да го направи само јавен обвинител, оценувајќи ја нивната валидност и точност. Истото се однесува и за доказите, за што вели дека секој доказ кој е даден на надлежен орган е доказ кој го испитува јавен обвинител.

Во своето обраќање Дума се осврна и на барањето за ветинг што пред неа беше поддржано од Слаѓана Тасева од Транспаренси интернешнел. Според Дума, Судскиот совет е топлометар за секој судија. Поранешната судијка смета дека еден -двајца обвинители, како што кажа „нема да се покријат“, останатите ќе го направат тоа и затоа смета дека Судскиот совет е тој што треба да знае што и како работат обвинителите.

Јавната расправа почна денеска со обраќањата на министерката за правда Рената Дескоска, државниот јавен обвинител Љубомир Јовески и други лица, главно од стручната фела. Дебата продолжува утре во 14 часот.

Коментирај