Тенис

Федерер размислува за пензионирање

18. септември 2019 - 8:39 | А.С.

Роџер Федерер изјави дека размислува следната година да се збогува од кариерата на професионален тенисер, но идејата да настапи на Олимписките игри му ги „расипува плановите“.

„Планирам да играм до Вимблдон, па ќе видиме. Размислувам дали да настапам на Олимписките игри, веќе зборував за тоа со мојот тим и со сопругата Мирка. Морам да ја најдам вистинската рамнотежа меѓу турнирите и времето што го поминувам со семејството. Одлуката ќе ја донесам во следните неколку недели“, рече Федерер кој минатиот месец наполни 38 години.

Ако се збогува следната година, на Рафаел Надал и на Новак Ѓоковиќ им се зголемуваат шансите да го стигнат по број на освоени Грен слем титули. Федерер има 20, Надал 19, а Ноле 16 вакви пехари во нивните колекции.

Швајцарецот вели дека не се оптеретува со тоа дали ќе остане најуспешниот тенисер во историјата.

„Секако дека би сакал моите рекорди да траат долго, но исто така знам дека би било супер некој од нив двајца да го сруши рекордот, како што јас го срушив на Пит Сампрас. Знам колку бев среќен кога се случи тоаа и затоа не би ми претставувало проблем кога тие би го постигнале тоа. Мене најголема сатисфакција ми е што на овие години можам да играм на врвно ниво и да се борам за трофеи на Грен слем турнири“, рече Федерер.

Коментирај