Новиот Ferrari SP38 е инспириран од легендарниот модел F40 и е уникатен примерок кој италијанскиот производител го направи по нарачка на специјален купувач.
Единствениот Ferrari SP38 ја зема основата од моделот 488 GTB од кој ја „позајми“ шасијата и поголем дел од механичкиот дел, а од Маранело велат дека овој автомобил бил нарачан од еден страстен купувач кој веќе го тестирал ова возило на тест-стазата на Ferrari во Фиорано.
Тој беше направен во специјалниот оддел на Ferrari кој е задолжен за уникатни модели, по сугестија на купувачот кој е заљубен во моделот F40 и во автомобилските трки.
Ferrari SP38 со себе ги носи сите вредности кои ја прават оваа компанија една од најдобрите и најпознатите во светот.
Помеѓу неколкуте детали на овој уникатен модел се издвојуваат предните и задните светла, уникатните фелни и големиот спојлер под кој е сместен моќниот 3,9-литарскиот битурбо V8 мотор кој располага со 670 коњски сили при 8.000 вртежи во минута и најголем вртежен момент од 760 Nm.
Внатрешноста на овој автомобил не беше откриена, а публиката може премиерно да го види на 26 мај на престижната изложба Concorso d’Eleganza Villa d’Este.