Македонија

Фетаи: Задоволни сме од пресудата за Томислав Лазаров

24. ноември 2017 - 13:40 | К.З.

Специјалната обвинителка Фатиме Фетаи изјави дека се задоволни од пресудата за Томислав Лазаров и рече дека СЈО нема да поднесе жалба.

Таа посочи дека за ова дело казните се од шест месеци до пет години затвор. За Лазаров ја прифатиле пресудата затоа што тој, како што рече Фетаи, на време ја признал вината.

Судот донесе пресуда за обвинетиот Томислав Лазаров, кој призна вина за насилството во Општина Центар – шест месеци условна казна, која ќе му се изрече ако во следните две години стори кривично дело. Според обвинението од СЈО, Лазаров заедно со други лица поттикнал и организирал дел од членството на ВМРО-ДПМНЕ на протест во 2013 година пред седиштето на Општина Центар со наводен мотив дека ќе се протестира поради рушењето на црквата „Св. Константин и Елена“, која беше во фаза на градба на булеварот Македонија, иако тоа воопшто не било точка на дневниот ред на седницата. Судијката Татјана Михајлова одлучи да се раздвои постапката за Лазаров и да му се суди посебно.

Лазаров пред судот изјави дека се откажува од правото на жалба и повтори дека длабоко жали и се кае за делото што го направил. Покрај тоа, тој ги напомена и околностите дека претходно не е осудуван, дека е млад човек и татко.

Тој пред новинарите изјави дека не сака да коментира за другите обвинети во случајот и не одговори дали стравува од закани и притисоци од сопартијците. Рече дека е благодарен што судот ги зел предвид олеснителните околности при изрекувањето на казната.

Коментирај