Фудбал

ФФМ одлучи, сезонава пола второлигаши испаѓаат

19. август 2019 - 11:21 | Ф.З.

И наредната сезона втората лига ќе има две групи, но со по 8 клубови наместо сегашните 10. Тоа значи дека сезонава од секоја група сигурно испаѓаат по 4, а бројката може да оди и до 6 во зависност од други околности.

Единствената втора лига ќе почека уште две години. Но, постепено ќе се намалуваат учесниците за да не дојде наеднаш големо кратење. Оваа сезона од групите Исток и Запад директно ќе испаднат последните 4 екипи, не како што беше до сега по 3. Дополнително може да испадат уште една до две во зависност од тоа кои прволигаши ќе испаднат во втора лига и дали второлигаш ќе победи во баражот.

Што се однесува пак до пополнувањето на втората лига за наредната сезона, во секоја група ќе влезат по два третолигаша наместо по три како што беше до сега. Тоа значи дека победниците на третите лиги нема да имаат загарантиран пласман туку ќе играат бараж.

Со повеќе испаднати и помалку влезени екипи, наредната 2020/21 сезона секоја група ќе брои по 8 клуба.

Ова значи дека претстојнава сезона, која почнува в сабота, ќе биде тешка и макотрпна битка за опстанок со оглед на тоа што од 10 екипи во една група на крајот дури 6 може да испаднат. 

Двете групи ќе се спојат во една тек од сезоната 2021/22, но ФФМ допрва треба да одлучи колку екипи ќе брои таа единствена втора лига.

Коментирај