Неодамнешните наизменични напади помеѓу Агенцијата за млади и спорт и Фудбалската федерација на Македонија дојдоа и до ФИФА и УЕФА кои испратија официјално соопштение во врска со спорот.
Агенцијата за млади и спорт ја обвинува ФФМ дека не сака да го усогласи својот статут со законот за спорт во државава, по што изминатиов период имаше превирања од двете страни.
На страната на АМС застанаа и некои клубови кои сезонава се натпреваруваат 1.МФЛ поради тоа што во локалните Општински фудбалски сојузи немаат свој глас, а обвинуваат и дека немаат поддршка. Спонзорот на велешки Борец веќе и се откажа од клубот напоменувајќи ти токму овие причини.
Она што го бара АМС од ФФМ е да им даде на сите проволигашки клубови претставник во локалниот општински сојуз. Но, ФФМ не може да го менува својот статут туку-така, бидејќи и за тоа постојат правила. Затоа интервенираа ФИФА и УЕФА, светската и европската фудбалака асоцијација кои не дозволуваат мешање на никакви државни органи во работата на никоја фудбалска федерација членка на овие тела.
„Во насока на нашата постојана комуникација, ФИФА и УЕФА ја подржуваат Фудбалската федерација на Македонија, Статутот да биде предмет на разгледување целосно откако ќе се одржи изборното Собрание на ФФМ и ќе биде избран новиот Управен одбор. Согласно праксата на добро раководење, ФИФА и УЕФА силно препорачуваат нивните членки да не прават промени во нивните статути пред одржување на изборите, туку само потоа. Иако датумот на изборното Собрание сѐ уште не е утврден, веруваме дека истото ќе се одржи навремено и во разумен рок. Целта на ревизијата на Статутот на ФФМ не е само во насока на усогласеност на истиот со Статутите на ФИФА и УЕФА, туку и во насока на усогласеноста со националното законодавство.
Веруваме дека ФФМ може да организира изборен процес независно и без влијание“, се вели во заедничкото соопштение на ФИФА и УЕФА испратено до ФФМ.
Инаку, борбата за делегатските места во општинските фудбалски сојузи не е случајна, бидејќи токму тие делегати директно учествуваат во изборот на претседател на Федерацијата. Таков избор треба да се одржи токму годинава, но се очекува да биде спроведен во втората половина од годинава, односно по настапот на Македонија на Европското првенство. Едноставно е: кој ја има поддршката од мнозинството на делегатите, тој победува на изборите.