Откако фудбалер во Унгарија доби опомена, а Германската фудбалска асоцијација отвори истрага, светската куќа на фудбалот повика на здрав разум при санкционирањето играчи кои даваат поддршка на протестите во САД.
Играчот од средниот ред на Ференцварош, Токмак Чол Нген, откако го постигна израмнувачкиот погодок за 1:1 против Пушкаш Академија, под дресот откри порака „Justice for George Floyd“ (Правда за Џорџ Флојд).
Унгарската федерација му изрече опомена на интернационалецот од Јужен Судан напоменувајќи дека при наредниот сличен испад ќе добие вистинска казна.
Германската фудбалска асоцијација, пак, отвори истрага за четворица играчи кои ширум бундеслигашките терени викендов ја истакнуваа истата порака. Џејдон Санчо и Ашраф Хакими тоа го направија со маица под дресот откако погодија за Борусија Дортмунд против Падерборн, Маркус Тјуран штом постигна гол за Борусија Менхенгладбах против Унион Берлин клекна на колена поклонувајќи се, а на раката носеше лента со истиот натпис, додека слично постапи и играчот на Шалке 04, Вестон МекКени, иако тој не постигна гол.
„ФИФА потполно го разбира чувството и загриженоста која ја искажаа бројни фудбалери во однос на трагичниот случај со Џорџ Флојд. Примената на законите на фудбалот е оставена на организаторите на натпреварувањата, кои би требало да користат здрав разум и да го имаат предвид контекстот на случувањата“, стои во соопштението на ФИФА испратено до националните федерации.