На денешната прес-конференција, министерот за здравство Венко Филипче извести за состојбата со коронавирусот кај нас, како и за предлогот за олабавување на рестриктивните мерки.
На новинарско прашање за најавениот протест против полицискиот час, Филипче рече:
„Во однос на протестот сакам да кажам две работи. Искрено се надевам дека се граѓаните свесни дека овие рестриктивни мерки, оној целосно затворен викенд за Велигден, сериозно долгиот полициски час неколку недели, после тоа соодветното димензионирање на полицискиот час во викендите што следеа, практично нѐ донесоа до тоа да имаме многу малку пациенти. И знам дека е тешко и им благодарам на граѓаните и им честитам што издржаа, заради тоа што тоа беше вистинска инвестиција во сопственото и во колективното здравје. Засега не размислуваме да го скратиме (полицискиот час) заради тоа што сметаме дека сѐ уште една таква мерка ни треба. Сега кога веќе спласнува сѐ, треба да се издржи само уште малку.“
Понатаму министерот рече дека би сакал да разговара со организаторите на најавениот протест.
„Искрено верувам дека организаторите ќе го откажат протестот, заради тоа што сакам да се свесни. Би сакал и да поразговарам со организаторите да видам зошто сметаат дека треба да се укине полицискиот час и да ги презентираме вистинските научни аргументи зошто тоа го правиме“, рече Филипче.
Тој понатаму рече дека ако сепак дојде до одржување на протестот, се надева дека соодветните институции ќе реагираат и интервенираат тоа да биде со одржување социјална дистанца и носење маски.