Фудбалската федерација на Македонија не доби конкретен одговор од Министерството за здравство во однос на тоа кога би можел да продолжи фудбалот во земјава.
Фудбалот во Македонија е во прекин, а ФФМ уште на почетокот на кризата реши да ги следи мерките на Владата и фудбалот го стави во мирување. Сега, Федерацијата побара мислење од Министерството за здравство за тоа кога би можеле нашите клубови да им се вратат на нивните фудбалски активности, при што доби неодреден одговор.
„Имајќи ја предвид епидемиолошката состојба во државата, во моментов не сме во можност да дадеме временска рамка за тоа кога би можело да се изврши доигрување на првенството 2019/20“, одговори министерот Венко Филипче на барањето на ФФМ.
Целосниот одговор на Филипче е објавен од страна на ФФМ:
„Одлуката за почеток на одигрување на натпреварите ќе биде донесена согласно препораките од надлежните државни тела. Фудбалската федерација на Македонија е во постојана комуникација со здравствените институции, но и УЕФА и конечната одлука околу продолжување на националното првенство ќе биде донесена согласно насоките добиени од Министерството за здравство (Главен координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на коронавирусот CoVid-19)“, велат од ФФМ.