Филм & ТВ

Филипс: Нема да ви се допадне мојот Џокер бидејќи нема врска со стриповите

9. јули 2019 - 16:28 | К.З.

Пред една година, кога за првпат беше најавен новиот „Joker“ на режисерот Тод Филипс, се зборуваше за тоа како филмот ќе ја следи приказната од култниот стрип „The Killing Joke“ на Алан Мур и Брајан Боланд. Но, Филипс дури сега реши да ни каже дека сме живееле во заблуда.

Според трејлерот кој го добивме, изгледаше дека Филипс ги следи „инструкциите“ од стрипот. Во него, Џокер е пропаднат комичар и изгледа скоро идентично како во „The Killing Joke“, со таа измена што наместо со неговата жена, во филмот тој живее со мајка му.

Но, режисерот на филмот вели дека сличностите помеѓу неговиот Џокер и оној од стрипот се „чиста случајност“. Зборувајќи во интервјуто за Empire, Филипс откри дека „не го следел наративот од стрипот“, туку тој и целата продукција која работеше на филмот се обиделе да направат сопствена верзија на ликот.

„Фановите ќе се лутат затоа што не ги следевме стриповите. Ние напишавме сопствена верзија за Џокер која повеќе го поставува прашањето: Од каде доаѓа еден тип како него? Тоа ми беше многу интересно. Дури не ни работиме на Џокер, туку на приказната за настанувањето на Џокер. Се работи за еден човек – овој човек“, изјави Тод Филипс за Empire.

Најпосветените фанови на стриповите честопати наоѓаат причина за да бидат лути и гневни на филмовите, бидејќи не ги следат случувањата и карактеристиките на ликовите од стриповите. Сепак, филмските студија се силно убедени дека она што го прават е правилно, бидејќи филмскиот медиум е многу различен од стрипот.

Коментирај