Култура

Филмот „Ослободувањето на Скопје“ ќе го отвори „Браќа Манаки“

29. јуни 2016 - 15:39 | Макфакс

Филмот „Ослободувањето на Скопје“ ќе го отвори годинешното издание на ИФФК „Браќа Манаки“, а новиот слоган на фестивалот што годинава се одржува од 10 - 17 септември во Битола, е Movie On – Feel the light, Feel Bitola  (Почувствувај ја светлината, почувствувај ја Битола).

Акцентот на денешната прес-конференција на која говореа Благоја Куновски Доре – директор на фестивалот, Роберт Насков – продуцент, Мими Ѓоргоска Илиевска – директор на Агенцијата за филм на Република Македонија и Гена Теодосиевска – уметнички директор на фестивалот, беше ставен на филмот на отворањето на овој реномиран филмски фестивал „Ослободување на Скопје”,  за кој говореше продуцентот Роберт Насков.

Беше најавено дека на отворањето на фестивалот во Битола поголем дел од филмската екипа на „Ослободување на Скопје” ќе се поклони на сцената во Центарот за култура во Битола, на чело со режисерскиот тандем синот и таткото Данило и Раде Шербеџија.

Новиот македонски филм е копродукција со Хрватскиот аудио визуелен центар, Филмскиот фонд на Финска и финската национална телевизија YLE, а е поддржан од Европскиот филмски фонд за копродукции „Еуроимаж”. Директор на фотографија е Дејан Димески, автор на музика Влатко Стефановски, монтажер Николас Гастер, дизајн на продукција Иван Бартлинг, костимографија Жељка Франуловиќ, а кастингот е на Киријана Николовска. Продуценти се Роберт Насков, Горјан Тозија, Владимир Анастасов и Игор Нола. Во главните улоги настапуваат првпат на филм, 11 годишниот Давид Тодосовски и веќе потврдените и искусни актерски имиња на Силвија Стојановска, Раде Шербеџија, Луција Шербеџија, Небојша Глоговац, Мико Ноусаинен, Петар Мирчевски, Јани Вирман, Денис Абдула, Аксел Мехмед, Дејан Лилиќ и други. Овој филм е снимен според познатиот текст на Душан Јовановиќ, а сценариото е на Душан Јовановиќ и Раде Шербеџија. Специјално за овој прес беше промовиран и филмскиот трејлер на „Ослободување на Скопје”.

Со нескриено  задоволство за вториот лауреат на „Наградата за животно дело Златна камера 300”- австралискиот водечки и светски кинематографер Џон Сил, инспиративно говореше директорот на фестивалот „Браќа Манаки”, филмскиот критичар Благоја Куновски Доре. Џон Сил е визуелен творец на исклучителната филмска сензација „Лудиот Макс: Патот на бесот”, добитник е на Оскар за психоморалната воена драма „Англискиот пациент”. Овој филм годинава одбележува 20 години од освоениот Оскар за кинемaтографија.

Директорката на Агенцијата Мими Ѓоргоска Илиевска ја потенцираше традиционално успешната соработка со фестивалот „Браќа Mанаки” и воедно се осврна на континуитетот во последните пет години фестивалот да биде  отворен со македонски филм. Таа говореше и за поддршката на Агенцијата во организација и промоција на другите филмски настани, покрај богатата фестивалска програма. Таа со гордост ги информираше новинарите дека на последната сесија на претставниците на „Еуроимаж” одржана во Амстердам, при посетата на филмскиот музеј EYE, каде што на 3 јуни на церемонијата на отворањето на ретроспективната изложба посветена на водечкиот светски кинематограф Роби Милер му беше врачена наградата „Златна камера 300” за

животно дело, во биографијата на Роби Милер, веќе била додадена и наградата „Златна камера 300” за 2016 година од фестивалот Браќа Манаки.

Гена Теодосиевска нагласи дека за двајцата лауреaти ќе се одржат два мастер клас сесии и ги покани новинарите и филмските критичари да бидат дел од овие важни фестивалски програми. 

Коментирај