Живот

Finger food за бебиња: Како да ги научите бебињата самостојно да јадат?

7. август 2018 - 16:13 | Б.С.Б.

Сите парчиња храна во форма на коцки, стапчиња, триаголници или други слични форми се спротивност на секојдневната форма на исхрана за бебиња. И најмалите сакаат да истражуваат нови форми, бои и мириси, со што овој тип на хранење на бебето може лесно да се претвори во нивна омилена активност.

Воведувањето Finger food за бебиња е голем чекор за бебето и за мајката, бидејќи освен што е забавно истовремено е и важен чекор во самостојноста која им помага во развојот на фината моторика и координацијата. Храната може да биде исецкана во различни форми за бебињата лесно да ја грицкаат и во текот на игра. Првите обиди никогаш не се лесни, но прашањето кое најчесто се поставува е од кога да се започне?

Кога ќе започнете со фингер фуд зависи од вас, вашето бебе и методот на хранење што сте го одбрале. Кога бебето е спремно самото ќе покаже, а најчесто тоа е кога има 8 или 9 месеци. Ќе препознаете ако сака само да ја земе лажичката со која го храните или ќе почне да зема парчиња од чинијата. На почетокот ќе ја гмечи и собира храната, па ќе сфати како да ја подига и носи до устата.

Раната изложеност на различни ароми подоцна може да ја намали пребирливоста на детето кога станува збор за храната, што значи дека треба да вклучите слатки, горчливи и кисели намирници. Најчестиот совет е дека не треба да започнете пред 6 месеци, бидејќи бебето треба самостојно да седи и да ја држи главата исправено. Но, не треба да се воведе предоцна.

Забите не се показател бидејќи бебињата можат да џвакаат со непцата кои се многу цврсти.

Единствено на што треба да внимавате е бебето никогаш да не го оставате само со храната, бидејќи постои опасност од задушување.

Еве неколку предлог намирници за почеток на Finger food исхрана:

- авокадо исечено на коцки или кришки

- боровинки, меки и исечени на половина

- банани исечени во коцки

- брокула, исецкана и подготвена на пареа

- карфиол, исецкан и подготвен на пареа

- зрели праски, излупени и исецкани на коцки

- зрели круши, излупени и исечени на коцки

- компир печен во рерна на маслиново масло, треба да биде многу мек

- лубеница исчистена од семки и исечена на коцки

- убаво сварена тестенина во облик на спирала, исечена на парчиња

- парчиња сварен морков или тиквица

Избегнувајте тврди намирници кои не се гмечат меѓу вашите прсти, како што се свежиот морков и јаболкото, а немојте да му давате на бебето цели ореви, пуканки, мед, овошје со семки како цреши и сливи (извадете ги смеките претходно, а овошјето излупете го), внимателно со тркалезното овошје како грозјето кое треба да биде исечено во должина.

Коментирај