Фит

Фитнес совети: Пет причини зошто треба да трчате по скали

13. јули 2018 - 15:42 | А.С.

Не можете да излезете од работа на време за да отидете во теретана? Немате теретана или патека за трчање во близина? Едно сигурно имате секаде – скали.

Оваа потценета техника на вежбање е една од најефикасните и сите опреми за вежбање нема да ја заменат. Дури и ако имате план на вежбање по кој се водите, сепак има причини зошто треба да го вметнете трчањето по скали во вашиот фитнес распоред.

Ова се пет главни причини зошто треба да почнете да трчате по скали, уште денес.

Можете да вежбате секаде

Без разлика каде живеете или работите, скали има насекаде, на отворено и на затворено, што значи дека ни временските услови не ви се изговор за да не направите барем една серија.

Не одзема дополнително време

Со оглед на тоа дека основната „опрема“ за оваа вежба ви е достапна секаде, тоа значи дека нема да губите дополнително време околу тренингот. Исто така, трчањето по скали за кратко време го активира целото тело, го забрзува пулсот и брзо почнувате со горење калории.

Активирање на мускулите

Најдоброто нешто од трчањето по скали во поглед на ефикасност на тренингот е што ги активира мускулите на целото тело, особено на нозете. Вертикалниот напор помага да се активираат и да се држат во активна состојба мускули кои инаку не би ги активирале, на пример со обично трчање.

Кардиоваскуларен систем

Трчањето по скали го „пали“ кардиоваскуларниот и дишниот систем, што значи дека со овој начин на вежбање ќе ги добиете истите бенефити како и интензивен кардио тренинг.

Сила

Трчањето по скали е одлична вежба сама по себе и физичка активност што може да ја направите кога немате време за друг тренинг. Но, исто така е активност што може и треба да ја вклопите во вашата рутина на вежбање бидејќи ги зголемува кондицијата и силата. На пример, ако се подготвувате за маратон, трчањето по скали ќе ви помогне да ги активирате оние мускули што не се многу активни за време на трчањето на рамно и да ја зголемите општата снага на телото.

Коментирај