Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен вчера во Приштина го пофали економскиот напредок на Косово и најави дека оваа година земјата потенцијално ќе добие 60 милиони евра од инструментот на ЕУ, а на располагање ѝ се вкупно 880 милиони евра.

Фон дер Лајен пристигна во Приштина како дел од турнејата низ Западен Балкан, а Косово е последната станица пред Подгорица. Во главниот град на Косово, таа се сретна со претседателката Вјоса Османи и премиерот Албин Курти.
Германката по состанокот за платформата Х напиша дека Косово е одлично во спроведувањето на реформите неопходни за ослободување средства од Инструментот за реформи и раст.
Преку овој механизам на Косово му стојат на располагање 880 милиони евра, а првата исплата од 60 милиони би можела да се случи веќе оваа година, најави Фон дер Лајен.
Тоа е нов инструмент на ЕУ кој има за цел да го забрза пристапот на земјите кандидати кон Унијата, особено со спроведување на потребните реформи. Инструментот е вреден шест милијарди евра, а ќе трае од сега до 2027 година.
На средбата со Османи Фон дер Лајен истакнала дека и во нејзиниот втор мандат на чело на Европската комисија, проширувањето ќе остане еден од приоритетите на Унијата, пишува агенцијата СТА.
„Јас сум посветена на иднината во која сите шест земји од Западен Балкан ќе бидат дел од нашата Унија“, посочи таа.
Таа го поздрави договорот со кој се укинуваат ограничувањата за извоз на српски производи на Косово, што пред две недели го постигнаа Приштина и Белград.
Претседателката Османи повика на итно укинување на мерките што ЕУ ги воведе против Косово во последните месеци, јавува италијанската новинска агенција Анса.
„ЕУ мора да го препознае и цени она што го постигнавме. Крајно време е конечно да се укинат неправедните мерки против Косово“, рече таа.
Унијата воведе мерки против Косово пред околу една и пол година поради ситуацијата на северот на земјата, откако албанските градоначалници стапија на должност во општините по изборите кои беа бојкотирани од српското мнозинство на северот на Косово.
Фон дер Лајен досега ги посети Албанија, Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Србија како дел од нејзината турнеја низ Западен Балкан.