Бизнис

Forbes: Австриец со хрватско потекло е најбогатиот сопственик на фудбалски клуб

20. февруари 2019 - 16:14 | К.З.

Во модерниот фудбал дури и сопствениците се суперѕвезди, скоро на исто ниво како најпознатите фудбалери. А и како да не бидат, кога се работи за милијардери со огромни богатства, подготвени да потрошат неверојатно високи суми за да ги имаат најдобрите играчи во светот во своите редови.

Најактуелни и веројатно најпопуларни се сопствениците на ПСЖ и Манчестер Сити, кои се наоѓаат во медиумите скоро подеднакво често колку најголемите ѕвезди од нивните тимови. Но, тие не се најбогати.

На самиот врв на листата на Forbes со најбогати сопственици во светот на фудбалот се наоѓа Дитрих Матешиц, сопственикот на РБ Лајпциг. Тој е австралиски милијардер со хрватско потекло и коосновач на компанијата Red Bull. Неговото богатство се проценува на 20,8 милијарди евра и со тоа се вбројува помеѓу најбогатите 30 луѓе на планетата.

Своевремено тој вложуваше во Формула 1 и хокеј, но најголемиот дел од парите ги вложи откако го префрли бизнисот кон фудбалската игра. Помеѓу 2005 и 2006 година Матешиц ги купи австрискиот клуб СВ Австрија Салцбург и американскиот МетроСтарс. Двата клуба ги преименува во Ред Бул Салцбург и Њујорк Ред Булс, пред во 2009 година да го преземе германскиот клуб Маркранштад и да го преименува во РасенБолклуб Салцбург, односно попознат како РБ Салцбург.

Веднаш зад него на листата се наоѓа сопственикот на Манчестер Сити, Мансур бин Зајед Ал Нахјан, со богатство од 19,5 милијарди евра, додека на третото место следи семејството Ањели, во чија сопственост е италијанскиот шампион Јувентус, а нивната вредност е проценета на 12 милијарди евра.

Првиот магнат на модерниот фудбал, Роман Абрамович, кој ја отвори вратата за супербогатите милијардери да станат сопственици во светот на фудбалот, се наоѓа на петтото место со вредност од околу 9,5 милијарди евра. Едно место над него е сопственикот на Лос Анџелес Галакси, Филип Аншуц, чие богатство се проценува на околу 11,5 милијарди евра.

Помеѓу 10-те најбогати сопственици на фудбалски клубови доминираат оние од Премиер лигата. Освен Челзи, богати сопственици имаат уште и Арсенал (Стен Кронке – 7,3 милијарди евра), Фулам (Шахид Кан – 6,1 милијарди) и Тотенхем (Џо Луис – 4,3 милијарди). Лондон е еден од најистакнатите финансиски центри во светот, па не изненадува дека сопствениците на четири лондонски клубови се помеѓу луѓето на оваа листа.

Освен Јувентус, италијанските клубови можат да се пофалат со само уште еден сопственик доволно богат да се најде помеѓу Топ 10 листата на Forbes. Стивен Жанг, сопственикот на Интер, има богатство кое се проценува на 7,1 милијарди евра.

Коментирај