3 април 1945, почнал со работа Македонскиот народен театар
На денешен ден, 3 април, во 1945 година, во Скопје, со изведувањето на претставата „Платон Кречет“ од советскиот драматург Александр Корнејчук, во режија на Димитар Ќостаров, а во превод на Блаже Конески, почнал континуирано да работи Македонскиот народен театар.
„Театарот е место каде што се случува нешто исклучително. Тука се преплетуваат режисерските идеи; најсилно чука актерското срце; се слуша зборот на драматургот; шепотот на суфлерот; сценографите, костимографите и композиторите ја оплеменуваат сцената со својот креативен израз; светлото, дизајнот и тон создаваат магија; големиот број на луѓе зад сцената се секогаш посветено тука; а менаџерскиот тим е тука да ја поддржи секоја идеа. Се создава магија, а публиката го восприема секој атом на театарската уметност. Македонски народен театар е сила која опстојува 80 години!“, објави МНТ по повод 80-годишниот јубилеј.
Некогаш во Скопје, ѕидовите, тарабите и бандерите биле облепени со плакати на кои се објавила радосната вест „Денес се отвори Народниот театар“.
Фото: архива на МНТ