Францускиот министер за животна средина Никола Ило соопшти дека ја напушта француската влада додека гостуваше во емисија на радиото Франс интер.
Тој соопшти дека неговата одлука е резултат од насобраното разочарување поради несоодветни чекори во борбата против климатските промени, одбраната на биодиверзитетот и решавањето на другите закани по животната средина.
Соопшти дека одлуката ја донел бидејќи се чувствува сам во владата кога е во прашање одлучувањето за прашањата поврзани со животната средина. Ило изјави дека за својата одлука сè уште официјално не го известил премиерот Едуард Филип, ниту претседателот Емануел Макрон.
Свесен е дека ваквата оставка не е по протокол, но стравувал дека Макрон и Филип повторно ќе се обидат да го разубедат од оставката.