Фудбал

Фудбалери на Арсенал во неволја поради вдишување азотен оксид во ноќен клуб

7. декември 2018 - 15:08 | К.З.

Неколку играчи на Арсенал, меѓу кои и ѕвездите Месут Озил и Пјер-Емерик Аубамејанг, се најдоа во неволја откако англискиот The Sun објави неколку слики и видео на кое се гледа дека тие вдишуваат азотен оксид во ноќен клуб во Лондон.

Клубот објави дека раководството ќе разговара со играчите во врска со овој инцидент и ќе бидат потсетени за нивните обврски и одговорности како професионални фудбалери.

Снимката која беше објавена на порталот на The Sun ги покажува Пјер-Емерик Аубамејанг, Месут Озил, Александр Лаказет и младиот Матео Гендузи како се забавуваат во ноќен клуб пиејќи шампањ и водка, но и вдишувајќи азотен оксид, супстанца позната како „крек за хипици“. Оваа снимка датира од август оваа година, на самиот почеток од новата сезона во Премиер лигата.

Азотниот оксид се користи легално во медицински цели, посебно во забните ординации, но е забранет и не смее да се користи за лични цели и за приватна употреба. На улиците се смета како лесна дрога а на корисниците им причинува еуфорија и ги релаксира, но може да доведе до низок крвен притисок, онесвестување и срцеви напади.

„Клубот ќе зборува со играчите и ќе ги потсети за нивните одговорности и обврски како претставници на клубот“, изјави денеска портпаролот на клубот.

Коментирај