Фудбал

Фудбалерите до 19 години двапати поразени од Азербејџан

28. јануари 2020 - 8:57 | Ф.З.

Македонската фудбалска репрезентација за играчи до 19 години резултатски немаше добра проверка во Анталија на двапати губејќи од азербејџанските врсници.

Прво во сабота на првиот од двата натпревара Азербејџан славеше со 2:0 со голови постигнати во 15. и 22. минута од страна на Џамал Џафаров и Ерчин Касимов. Азербејџанците доминирале во првиот дел кога и ги постигнале головите, додека во второто полувреме младите Македонци ја преземале иницијативата, но и покрај неколкуте шанси резултатот останал непроменет.

На овој натпревар за Македонија настапија: Китановски, Јанкуловски, Јакупи, Николов, Крстевски, Фета, Трајановски, Игнатов, Черкези, Илиевски и Фетаи, додека од клупата влегоа Далипи, Тасески, Адеми, Калкан, Рамани, Омерагиќ, Терзиев и Станковски.

Два дена подоцна, истите селекции се сретна одново, овој пат во градот Белег. Натпреварот почна добро за Македонија која на полувреме замина со минимално водство благодарение на погодокот на Марио Илиевски во 34. минута.

Сепак, во вториот дел Азербејџанците направија комплетен пресврт и одново ја однесоа победата. Мустафа Јилдирим израмни во 68-мата минута, додека победничкиот гол го постигна Самир Абдулајев во претпоследната минута од натпреварот.

Нашиот селектор овој пат стартуваше со Николоски, Далипи, Тасески, Фетаи, Терзиев, Николов, Фета, Рамани, Станковски, Калкан и Илиевски, а подоцна на теренот се појавија и Китаноски, Јанкуловски, Јакупи, Трајановски, Адеми и Черкези.

За селекторот Шкумбин Арслани овие два натпревара беа добра проверка да види со какви фудбалери располага. Во составот беа и четворица дебитанти, сите македонски играчи од дијаспората.

Коментирај