Фудбалерите на најпознатиот мкакедонски фудбалски клуб, кој е заглавен во втората лига, излегоа со соопштение во кое го повикаа сопственикот Слободан Крстевски да го предаде клубот на некој што ќе знае да го води.

Вардаровите играчи во соопштението открија некои неверојатни работи што се случуваат во најтрофејниот македонски фудбалски клуб, а за кои јавноста не е свесна. Така, тие велат дека навивачката група Комити ги плаќа трошоците за домашните натпревари, играчите ги плаќаат трошоците за гостувањата, преку пријатели се снаоѓаат за јадење во деновите кога имаат натпревар, а капитенот Дарко Мицевски морал сам да си ја плати операцијата на скочниот зглоб наместо клубот да му излезе во преесрет, пренесува најпознатиот македонски фудбалски сајт 24Фудбал. Сетоа ова делува како да се работи за клуб на рекреативци од општинска лига, а не за големиот Вардар.
„Соочувајќи се со веројатно најтешките моменти во историјата на клубот, ние играчите на ФК Вардар сакаме да ја известиме и да и ги доближиме на јавноста сите моменти кои ги преживуваме периодов, истовремено константно замајувани и залажувани со разни ветувања од кои ниту едно не е исполнето и покрај нашето професионално залагање на теренот каде со вонсериски напори достојно го презентираме името на најголемиот спортски бренд во Македонија.
Сакаме да известиме дека ние играчите, стручниот штаб, спортскиот директор Александар Бајевски, персоналот на клубот и навивачката група Комити сме буквално оставени самите на себе да ја биеме битката за враќање на Вардар во Првата лига. Од основни работи како закуп на стадион за натпревари кој ги покрива навивачката група, ручек пред натпревари кои ги обезбедуваме благодарение на пријатели сопстевеници на ресторани, самостојно собирање сопствени средства за закуп на автобуси за гостувања, перење на опремата, преку пријатели обезбедување опрема за тренинг и води за нормално функционирање и одржување на истиот.
Со лични заложби на еден играч е обезбеден и теренот за тренинг во населбата Кадино. Хируршката интервенција капитенот Дарко Мицевски ја плати од сопствени средства, додека голем дел од играчите немаат земено плата дури и по 10-12 месеци со што се донесени речиси на работ на егзистенцијата.

Ние играчите на ФК Вардар бараме сопственикот на клубот Слободан Крстевски доколку не е способен да го води клубот и навреме да ги исполнува договорените обврски, да го напушти и да го препушти раководењето на друг. Тажно е што мораме на овој начин да реагираме и да ја известиме јавноста со што се соочуваме додека истовремено ја водиме можеби и најважната битка во историјата на клубот. Со надеж и верба дека ќе проработи разумот и веднаш ќе се најде решение со кое несметано би продолжиле достојно и успешно да го презентираме Вардар, бренд кој тежи 12 шампионски титули и единствен учесник од државата во групната фаза на европските натпреварувања“.
Вардар втора година по ред се натпреварува во втората по ранг лига откако во сезоната 2020/2021 испадна од елитното друштво. Минатата сезона не успеа да се врати, а сезонава бие битка за пласман на првите две места кои водат во 1.МФЛ, но во вакви околности само прашање на време е кога Вардар ќе почне да губи чекор со финансиски далеку побогатите Гостивар и Воска Спорт.