Фудбал
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕУРО 2020

Фудбалерите одиграа херојски, Македонија ја совлада Словенија

10. октомври 2019 - 21:35 | Ф.З.

Со двата гола на Елиф Елмас во второто полувреме Македонија оствари одличен резултат против незгодната Словенија освојувајќи важни 3 бода на патот кон ЕУРО 2020.

Селекторот Ангеловски се одлучи за формација 3-4-1-2 со стандардниот Димитриевски на голот, во одбраната Ристовски, Муслиу и Ристевски, во средината Николов, Спировски, Адеми и Алиоски, Елмас како креативец и во нападот Пандев и Несторовски.

Освен еден посериозен удар на Николов, во првиот дел, немаше вистински шанси за гол на двете страни. 

Во судиското надополнување на првото полувреме Елиф Елмас постигна гол, но холандскиот судија Дани Макели го поништи поради наводен офсајд и предизвика ерупција од негодувања на арената.

Околу 19 илјади гледачи го следeа овој натпревар во живо меѓу кои и навивачи од Словенија.

Само пет минути откако почна вториот дел, Горан Пандев и Елиф Елмас одлично одиграа двојана акција пред словенечкиот шестнаесетник во која ветеранот го проигра играчот на Наполи кој потоа ја затресе мрежата на Јан Облак. Втора ерупција на „Тоше Проески“, овој пат за вистинска радост бидејќи Македонија конечно го отвори резултатот

Во 67-мата минута Јосип Иличиќ изваде незгоден удар по земја од работ на шестнаесетникот кој Димитриевски го одбрани, а Словенија доби корнер.

Веднаш по корнерот Македонија тргна во контра преку Аријан Адеми кој по проигрување со Езџан Алиоски на крајот го пронајде Елмас во празно. Нашиот Вундеркинд излезе еден на еден со Облак и по вторпат ја матираше единицата на Атлетико Мадрид.

Во последните моменти од натпреварот, во судиското надополнување Словенија доби пенал откако нововлезениот Ѓоко Зајков наивно го собори Миха Зајц. Иличиќ беше прецизен од белата точка, но успеа само да го ублажи поразот.

Македонија оствари значаен триумф со којостанува во игра за пласман на второто место во квалификациската група. Во останатите денешни натпревари, Австрија го победи Израел со 3:1, додека Полска на гости ја совлада слабата Латвија со 3:0. Токму за Полска патува Македонија каде в недела во Варшава ја чека нова пресметка.

Табела:
1. Полска 16
2. Австрија 13
3. Македонија 11
4. Словенија 11
5. Израел 8
6. Латвија 0

Коментирај