Собранието е подготвено за уставните измени, потребна е само политичка волја, истакна собранискиот спикер Африм Гаши по добивањето на извештајот на ЕК за работата на сите институции во државата.
„Собранието во смисла на процедурата е подготвено во секое време тоа да го почне. Но, за да почне тој процес, треба политичка волја и договор за да имаме јасна перцепција за да не почнеме нешто што нема да ни успее. Во однос на Собранието, службите и процедурата ние сме спремни. Се надеваме дека што побргу ќе дојдеме до тој политички договор за да се почне тој процес. Јас би сакал тоа да биде што побргу затоа што навистина мислам дека е од стратешко значење да ги почнеме преговорите што побргу и да станеме полноправна членка на ЕУ“, истакна Гаши.
Оценката за работата на Собранието во извештајот, како што рече, е позитивна и бележи мал напредок, но има забелешки за носењето на законите по скратена постапка.
„Имавме препорака во која се нотира дека Собранието не го злоупотребува повеќе европското знаменце, но дека ни се повторуваат скратените постапки. За жал, на почетокот на нашиот мандат, поради новиот Закон за управата и работата на Владата, повеќето од законите што беа по скратена постапка беа заради усогласување имиња на институци и министерства. Затоа да кажеме дека на почетокот имаме малку разбирање, но јас правам максимални напори со сите партии и пратеници, но и со Владата, и министрите ги убедуваме да не предлагаат закони по скратена постапка затоа што нема смисла и во насока на временските рокови. Ние многу често закажуваме седници, има предвидливост во седниците, така што дали три дена порано или подоцна не се добива многу на време. Ги убедуваме министрите повеќето или сите закони да ги предлагаат по редовна постапка“, изјави Гаши.
Најави дека со новиот Деловник ќе има и нов начин на пратенички прашања.
„Да, според новиот Деловник, освен редовните пратенички прашања, воведен е нов механизам, нов институт. Тоа се опозициски пратенички прашања, кои ќе бидат поставувани во текот на месецот на редовните седници два часа по усвојувањето на дневниот ред. Ќе се поставуваат пратенички прашања од опозициските политички партии кон власта, кон избраните членови, кои се избираат во Собранието“, рече Гаши.