Фудбал
ЛИГА НА ШАМПИОНИ 2019/20

Гатузо: Против Барса ќе играме без страв

16. декември 2019 - 14:42 | Ф.З.

Џенаро Гатузо штотуку седна на клупата на Наполи и до февруари има време да го подготви тимот за една голема пресметка со моќниот каталонски тим.

Наполи ја мина групната фаза од Лигата на шампионите под водство на Карло Анчелоти, но борбата ја продолжува под палката на Џенаро Гатузо. Анчелоти спогодбено го раскина договорот веднаш по натпреварот од последното коло против против Генк кога „Партнопеите“ славеа со 4:0.

Гатузо почна лошо откако викендов дебитираше со пораз дома од Парма. Ќе има тешка задача да го среди расштиманиот тим на Наполи, а веќе треба да размислува и на моќната Барса.

„Пред нас е голем тим, голема пресметка и два неверојатни натпревари. Ќе им се спротивставиме без страв“, кратко изјави Гатузо.

Барселона во групата на двапати го совлада ривалот на Наполи, Интер, а добрата серија против италијанските екипи ќе сака да ја продолжи и со тимот од Неапол.

Првиот натпревар помеѓу Наполи и Барса ќе се игра на 25 февруари на „Сан Паоло“ во Неапол, додека реваншот на 18 март на „Камп Ноу“ во Барселона. Почетокот на двата натпревара е во 21 часот.

Интересно, Наполи и Барса досега никогаш не играле на официјален натпревар, само на пријателски, па ова ќе биде нивна прва официјална пресметка.

Коментирај