Фудбал

Газдата на ПСЖ нема нерви за Нејмар и екипата: Нема веќе никакви ѕвезди!

17. јуни 2019 - 14:37 | А.С.

Францускиот весник L'Equipe објави делови од интервјуто со претседателот на ПСЖ Насер ал Келаифи под наслов „ПСЖ е подготвен да го пушти Нејмар“. Газдата на францускиот клуб како никогаш досега остро реагира на случувањата во клубот.

Иако во интервјуто не се спомнува директно Нејмар, францускиот весник ја толкува изјавата на Ал Келафи како тивка војна против најголемата клупска ѕвезда, фудбалерот кој сѐ почесто е во фокус на медиумите поради работи што немаат врска со фудбалот.

Нејмар со месеци дава сигнали дека сака да си замине од ПСЖ каде дојде пред две години за рекордни 222 милиони евра, а претседателот на клубот сега и го потврдува тоа.

Со доаѓањето на Леонардо на местото спортски директор, политиката на клубот се сврти за 180 степени, пишува L'Equipe, што може да се одрази на сите во екипата.

„Играчите мора да станат посвесни за своите одговорности. Нештата целосно ќе се сменат. Играчите ќе мора повеќе да работат, повеќе да се трудат, а ако на некого не му се допаѓа тоа, вратата му е отворена. Чао! Мора да знаат дека не се дојдени тука да се зезаат, туку сериозно да работат, нема веќе никакви ѕвезди!“, одлучно вели Ал Келаифи.

Ако навистина го напушти Париз, Бразилецот Нејмар најверојатно би ја продолжил кариерата во Реал Мадрид или во Барселона, а меѓу трите најзаинтересирани клубови се спомнува и Манчестер Јунајтед, пишува L'Equipe.

ПСЖ ќе го пушти само ако добие „дебела“ понуда што би морало да биде околу 200 милиони евра.

Коментирај