Гејмерите би рекле дека 2018 година беше најдобрата година за видеоигри на сите времиња, а имаат и докази да го поткрепат ова тврдење, земајќи предвид дека годинава беа претставени наслови како „God of War“, „Fortnite“ и „Marvel’s Spider-Man“.
На вчерашните Golden Joystick награди „Fortnite“ беше прогласена за игра на годината, што предизвика многу реакции од публиката и љубителите на гејминг индустријата – не поради тоа што „Fortnite“ не заслужува да победи, туку поради тоа што „Red Dead Redemption 2“ е игра на која се работеше со години и доби толку многу позитивни критики од сите играчи што ја играа во последниот месец откако играта излезе на пазарот.
Она што беше навистина чудно е дека изборот за најдобра видеоигра го правеше публиката, односно таа гласаше за победата на „Fortnite“, што ја прави реакцијата на истата јавност повеќе зачудувачка. „Red Dead Redemption 2“ го освои второто место во гласањето на публиката, додека „Call of Duty: Black Ops 4“ го освои третото место на церемонијата која се одржа во Лондон.
Критичарите гласаа обратно од публиката и ја избраа „Red Dead Redemption 2“ за најдобра видеоигра за оваа година. Исклучителното ниво на комплексност и обрнување внимание на детали ја направи оваа игра хит кај гејмерите уште во моментот кога се појави на пазарот.
„Red Dead Redemption 2“ го забележа најголемиот премиерен викенд за видеоигра на сите времиња, заработувајќи 725 милиони долари за само три дена. Тоа не беше рекорд само во гејминг индустријата, туку општо во забавната индустрија, бидејќи ниту еден филм, книга, стрип или парче музика не заработиле толку пари во толку краток период.