Германија ќе фрли многу пари во војската, но кој ќе плати за тоа?

Под голем притисок, демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) и социјалдемократите (СПД) водат прелиминарни разговори за можна коалиција.

Но огромниот недостаток на средства во државниот буџет има приоритет. Утврдено е дека во следните четири години 130 милијарди евра нема да бидат покриени со буџетски приходи.

Германските економисти пресметале дека дополнителното вооружување на Бундесверот во следните неколку години ќе чини 400 милијарди евра. Истовремено потребни се околу 500 милијарди за обнова на застарената инфраструктура. Тие пари би отишле за санација и изградба на патишта, мостови, железница, пишува Deutsche Welle.

„Навистина голема базука“, напиша економистот на Беренберг Холгер Шмидинг коментирајќи ги германските мерки. „Овие предлози за моментално олабавување на германските фискални правила веројатно ќе бидат донесени. Тие се фискална промена за Германија.“

„Сопирачка за задолжување“

Потенцијалните коалициски партнери сега реагираат на овие бројки. Сите издатоци за одбрана кои надминуваат еден процент од БДП ќе бидат изземени од ограничувањата за ново задолжување на државата, познато како „сопирачка за задолжување“.

Промената на ова правило ја најави шефот на демохристијаните и веројатно иден премиер Фридрих Мерц.

„Земајќи го предвид загрозувањето на нашата слобода и мирот на нашиот континент, за нашата одбрана мора да важи правилото дека ќе добие што и да е потребно“, рече Мерц.

Санирање на патишта, пруги и мостови

Освен тоа, треба да се основа „специјален фонд“ од 500 милијарди евра на рок од 10 години. 100 милијарди од вкупниот износ се наменети за германските покраини.

„Конечно ќе го надминеме инвестицискиот застој во нашата земја“, рече шефот на социјалдемократите Ларс Клингбајл.

На покраините врз основа на измената на „сопирачката за задолжување“ и во иднина ќе им биде овозможено задолжување во помал обем – во висина од 0.35 проценти од нивниот БДП. Досега тоа беше привилегија на сојузната држава.

Социјалдемократите и демохристијаните следната недела ќе поднесат барање во Бундестагот да се промени уставната одредба за лимитот на задолжување. Во сè уште актуелниот состав на Бундестагот за таа промена постои потребното двотретинско мнозинство, бидејќи и Зелените најавија дека ќе гласаат за промената.

Новиот состав на парламентот е избран на 23 февруари, но до неговото прво заседание на 24 март досегашниот состав на парламентот има право на одлучување. Во новиот состав за двотретинско мнозинство би биле потребни гласовите на Левицата или делумно екстремно десничарската Алтернатива за Германија. Додека Левицата се противи на зголемувањето на издатоците за војската, Алтернативата за Германија (AfD) генерално се противи на промената на „сопирачката за задолжување“.

Специјален фонд и покрај ограничувањето на задолжувањето – како е тоа можно?

Се работи за огромни износи. На пример, вкупниот буџет на Германија минатата година изнесуваше 467 милијарди евра. Уделот на кредитите изнесуваше само 25 милијарди евра, остатокот беше покриен со приходи. Со тоа буџетот беше усвоен според правилата за ограничување на новото задолжување.

„Посебен имот“ или „специјални фондови“ се делови од државните финансии со кои се управува одделно од нормалниот буџет, па за нив не важи „сопирачката за задолжување“. Овие износи не мора да бидат одобрени секоја година во парламентот, туку само еднаш, со двотретинско мнозинство во двата парламентарни дома – Бундестагот и Бундесратот. Од тој момент трошењето на парите може да се протегне со години.

Не е имот, туку долгови

Критичарите велат дека ова е буџет во сенка и ваквата финансиска политика ја нарекуваат „креативно книговодство“. Ни германскиот Сојузен ревизорски суд не е среќен поради ваквиот развој на настаните.

Во извештајот за 2023 година оваа институција која го контролира трошењето на државните средства состави извештај за „посебниот имот“ во кој се вели дека е покоректно да се зборува за „посебни долгови“ бидејќи се работи за „во најголем дел изменети должнички каси“. Сојузниот ревизорски суд наброја вкупно 29 „посебни имоти“, а најстариот од нив е од педесеттите години на минатиот век.

Меѓу најголемите такви финансиски ставки спаѓаше Фондот за стабилизација на финансискиот пазар, создаден во време на светската финансиска криза во 2008 година. Тогаш кредитот изнесуваше 90 милијарди евра. Во 2020 година е создаден Фонд за стабилизација за да се ублажат економските и општествените последици од пандемијата на коронавирусот.

Тој фонд играше клучна улога по победата на социјалдемократите на изборите во 2021 година и формирањето на коалициската влада со либералите (FDP) и Зелените. Кредитниот износ од 60 милијарди евра не беше употребен за време на пандемијата. Новата влада ги пренасочи тие средства во заштита на климата. Демохристијанската опозиција поради тоа поднесе тужба до Уставниот суд, тврдејќи дека така се заобиколува "сопирачката за задолжување". Уставниот суд ги потврди наводите од тужбата. Тој дел од кредитот потоа не можеше да биде активиран за други цели.

100 милијарди за Бундесверот ќе се потрошат во 2027 година

Два специјални фонда се основани во 2022 година. Првиот беше последица на рускиот напад врз Украина. Бундестагот одлучи да ја модернизира германската војска, која со децении беше запоставувана, со нови кредити во висина од 100 милијарди евра. Тие пари ќе бидат потрошени веќе во 2027 година. Вториот специјален фонд во 2022 година е основан за да се поттикне германската економија и да се поддржи во време на енергетска криза.

Германскиот Сојузен ревизорски суд во својот извештај утврди дека збирот на овие поголеми „посебни имоти“ – фондови наполнети со кредити – изнесува околу 869 милијарди евра. Само десетина од таа сума е покриена со реални приходи. Должничкиот потенцијал на овие специјални фондови изнесуваше 522 милијарди евра. Тоа е пет пати повеќе од планираните кредити за државните буџети меѓу 2023 и 2027 година, кои се формирани според правилата на „сопирачката за задолжување“.

Трошоците за камати се огромни

Новите кредити ќе доведат до значително зголемување на задолжувањето. Во земјите на Европската Унија долговите не смеат да надминуваат 60 проценти од бруто домашниот производ. Ако некоја држава се задолжи над таа граница, обврзана е да го намали своето задолжување и се соочува со финансиски казни. Тие за земјите кои имаат задолжување меѓу 60 и 90 проценти изнесуваат 0,5 проценти годишно.

Освен тоа, кредитите се земаат на финансискиот пазар, па се плаќаат камати. Германија во текот на изминатите децении се задолжи за 1,7 илјади милијарди евра. Минатата година од буџетот мораа да се издвојат 33 милијарди евра за камати. Годината пред тоа тоа беше дури 39 милијарди евра, бидејќи каматите поради инфлацијата пораснаа.

Правните и финансиските стручњаци предупредуваат дека новото натрупување на долгови значително ќе го зголеми оптоварувањето на буџетот со камати на кредитите. Ситуацијата така ќе се заостри, дополнително ограничувајќи го политичкиот маневарски простор.

Тагови
реклама

Свет

Медведев: Русија нема да дозволи историјата да се прекројува

Read more

Кличко: Можеби треба да им дадеме дел од земјата на Русите, не е фер, но е за мир

Read more

Нов руски напад врз Украина – лансирани над 100 дронови

Read more

Израел изрази сочувство три дена по смртта на папата

Read more
 

Вести

Пукање на Бит-пазар, во вооружена престрелка повредено едно лице

Читај повеќе

Муцунски: Крајно време е да престанеме да преговараме за идентитетските прашања со кого било

Читај повеќе

Пешевски: Итно зголемување на платите, во спротивно ќе останеме без кадар

Читај повеќе

Судот ѝ го одзеде пасошот на претседателката на Aнтикорупциска која споделувала службени тајни на Viber

Читај повеќе

Мицкоски: Се укинуваат визите за Обединетите Арапски Емирати

Читај повеќе

Прегазен пешак во Охрид, возачот побегнал

Читај повеќе

Девет лица завршија во притвор поради злоупотреби со инвалидските пензии и туѓа нега

Читај повеќе

Медведев: Русија нема да дозволи историјата да се прекројува

Читај повеќе
  • play_arrow

Еколошка катастрофа – нафта истече во Јадранското Море

Читај повеќе