Здружението на германски угостители се пожали на недостиг на персонал по укинувањето на мерките за заштита од пандемијата и повторното отворање на хотелите и рестораните.
Федералната агенција за вработување соопшти дека во угостителската индустрија работат 14 проценти помалку луѓе отколку пред пандемијата.
„Многу хотели и ресторани се жалаат дека немаат персонал“, рече Ингрид Хартгес, директор на Dehoge, чадор-здружение на германски хотелиери и угостители.
Најмногу недостасуваат готвачи, сезонски работници од странство и студенти.
Хартгес објасни дека голем дел од помошниот персонал, особено студентите, нашле нови работни места за време на затворањето поради пандемијата.
„Оние кои порано работеа како келнери се преселија, на пример, во индустријата за логистика која процвета за време на пандемијата“, рече Хартгес.
Таа додаде дека многу сезонски работници од странство кои работеле во германските ресторани и хотели претпочитале да одат во Австрија и Швајцарија, каде хотелите и рестораните отворија порано отколку во Германија. Тоа, рече таа, важи и за германските сезонски работници.
„На индустријата и на вработените им е потребна перспектива“, рече Хартгес, додавајќи дека потребни се даночни олеснувања за сопствениците на хотели и ресторани, што ќе ги зголеми платите и ќе привлече доволно работници.
Квалификуван готвач во Баден-Виртемберг, една од најбогатите сојузни покраини, заработува просечно околу 2.200 евра бруто месечно, објави мрежниот сервис jobs-regional.de.
Според Федералната канцеларија за вработување, 154.000 луѓе моментално работат во хотелската и гастрономската индустрија, за 14 проценти помалку отколку во 2019 година.