Познатиот гласовен глумец од Star Wars, Том Кејн, почина на 64-годишна возраст. Освен што беше еден од клучните гласови во серијата Star Wars: The Clone Wars, Том Кејн го позајми својот глас и на бројни ликови од видео игри низ годините, вклучувајќи го и Таке Масаки од Call of Duty.
Актерската кариера на Том Кејн започна во 1977 година, кога имаше само 15 години. Во текот на речиси 50 години, Кејн стана препознатлива фигура во светот на гласовната глума, позајмувајќи го својот глас на ликови во широк спектар на популарни франшизи, вклучувајќи ги Star Wars, Marvel, Warhammer, Call of Duty, Scooby-Doo, Shrek, Star Trek, The Lord of the Rings и многу други.
Galactic Productions ја потврди смртта на Том Кејн преку објава на социјалните мрежи.
„Од неговите незаборавни улоги во Star Wars до безброј анимирани серии, документарци и игрици, Том внесе мудрост, сила, хумор и срце во секоја улога. Неговиот глас стана дел од нашите животи, нашите спомени и приказните што ги носиме со нас. Но, зад таа извонредна кариера стоеше и извонреден човек. Том беше посветен сопруг и татко кој, заедно со својата сопруга, изгради семејство со 9 деца“, се наведува во соопштението.
Кејн е најпознат по својата улога како Јода во разни Star Wars проекти. Првпат го позајми гласот на легендарниот Џедај мајстор во Star Wars од 2000 година во Star Wars Episode I: Jedi Power Battles и продолжи да ја игра улогата во следните две децении, појавувајќи се во повеќе од 20 видео игри, вклучувајќи ги Star Wars: Republic Commando, Star Wars: Episode III – Revenge of the Sith и обете верзии на Star Wars Battlefront 2. Иисто така, го позајми гласот на Јода во обете верзии на анимираната серија The Clone Wars. Кејн, исто така, го позајми гласот на Адмирал Јуларен, кој се појави во повеќе епизоди на The Clone Wars и Star Wars Rebels, и беше наратор.
Покрај Јода, Том Кејн имаше силна врска со Star Wars франшизата. Една од неговите први снимени улоги во видео игри беше како Либ во PC верзијата на Star Wars: Shadows of the Empire. Иако за Јода го позајми својот глас во околу 20 видеоигри од серијалот Star Wars, се појави во речиси 50 игрици вкупно во текот на својата кариера, а неговата последна улога беше во LEGO Star Wars: The Skywalker Saga од 2022 година. Тоа беше и неговата последна професионална улога, бидејќи официјално се пензионираше од глумата во септември 2021 година откако доживеа мозочен удар претходната година.
Во светот на видео игрите, Том Кејн е најпознат по улогата на Такео Масаки во серијата Call of Duty, лик кој прв пат се појави во игрицата Call of Duty: World at War од 2009 година. Кејн продолжи да го позајмува својот глас на ликот сè до Call of Duty: Black Ops 4 од 2018 година. Исто така често го позајмуваше гласот на Магнето во разни игрици на Marvel, како што се Marvel vs. Capcom 3 и Marvel Ultimate Alliance 3, а исто така се занимаваше и со работа во универзумот на DC, каде што го позајмуваше гласот на Џим Гордон во игриците Batman: Arkham Asylum и LEGO DC Super-Villains.