Apple ќе ја прослави 20-годишнината од претставувањето на првиот iPhone во 2027 година, а наводно подготвува два нови модели за таа пригода.
Bloomberg пишува дека компанијата од Купертино ќе го претстави првиот преклопен iPhone во историјата, но и „претежно стаклен закривен iPhone“. Во Apple ги гледаат претстојните уреди како iPhone што влегува во нова ера, нешто слично на трансформативното влијание што го имаше iPhone X во 2017 година.
Се верува дека преклопен iPhone е еден од двата клучни проекти што се подготвуваат за годишнината. Извештаите велат дека пристапот на Apple кон формата на преклопните уреди се издвојува благодарение на речиси незабележливата превитка на внатрешниот екран. Патем, наборот е проблем кај сегашните преклопни паметни телефони.
Овој уред ќе има „дизајн на книга“, надворешен екран со димензии помеѓу 5,5 и 5,7 инчи, како и главен екран со димензии помеѓу 7,7 и 8 инчи. Кога е затворен, дебелината на уредот би можела да биде помеѓу 9 и 9,5 инчи, додека неговата шарка ќе биде изработена од комбинација од не'рѓосувачки челик и титаниум за подобрена издржливост.
Заедно со овој модел, се очекува и „закривен iPhone направен претежно од стакло“, кој нема да има резови на екранот. Овој футуристички дизајн треба да му оддаде почит на iPhone X, кој всушност е првиот уред со интерфејс на допир, целосно на екран. Токму iPhone X означи голема промена во дизајнот во оваа линија на производи. Овој модел треба да има најсовремена технологија на екранот, што ќе му овозможи на Apple да ги „скрие“ предната камера и Face ID сензорите под екранот.
Неодамна се појавија информации за патент на Apple, кој алудира на напредок во технологијата за камери под екранот со поддршка за Face ID системот. Патентот опишува екран со селективно отстранети подпиксели за да се подобри преносот на светлината до сензорите под екранот, што е особено важно за инфрацрвеното светло, кое го користи системот за препознавање лица на Apple. Претходните обиди за овој пристап имаа проблеми со преносот на инфрацрвена светлина.
Покрај тоа, Apple работи и на паметни очила, кои ќе му конкурираат на моделот Ray-Ban на Meta, а и овој уред би можел да се појави во 2027 година. Други долгорочни проекти вклучуваат преклопен iPad и роботски уред за десктоп, кои не се очекуваат пред 2028 година.