По неколку месеци тизери, протекување информации и гласини, Samsung Galaxy S25 Edge конечно е официјално претставен.
Превентивниот „одговор“ на корејската компанија на најавениот iPhone 17 Air е тенок само 5,8 мм. Телефонот тежи само 163 грама, а за да се постигнат овие бројки, очигледна жртва е батеријата – нејзиниот капацитет е само 3.900 mAh. Се полни жично до 25W, со рекламирани 55% наполнетост за „околу 30 минути“ со Samsung адаптер (кој ќе треба да го купите посебно, бидејќи не е вклучен во кутијата). Поддржано е и безжично полнење.
Екранот на S25 Edge моделот е 6,7-инчен Dynamic AMOLED 2X со QHD+ резолуција, варијабилна стапка на освежување од 1 до 120 Hz и Corning Gorilla Glass Ceramic 2 заштита. Го движи Snapdragon 8 Elite for Galaxy, во комбинација со 12 GB RAM и 256 GB или 512 GB внатрешна меморија.
На задната страна се наоѓа главна камера од 200 MP со f/1.7 отвор и OIS, за која Samsung тврди дека е способна за „2x оптички квалитетен зум“. Покрај неа има ултраширокоаголна камера од 12 MP со f/2.2 отвор и автофокус за макро снимки. За селфи е задолжена камера од 12 MP со f/2.2.
S25 Edge работи на Android 15 со One UI 7 интерфејс, има IP68 сертификат за отпорност на прашина и вода, титаниумска рамка и ќе биде понуден во „заводлив спектар на бои“, според Samsung, вклучувајќи Titanium Silver, Titanium Jetblack и Titanium Icyblue. Неговите димензии се 158,2 x 75,6 x 5,8 мм.
Samsung Galaxy S25 Edge сега е достапен за преднарачка по цена од 1.099 долари за основната верзија со 256 GB меморија.