Кинеската сонда Tianwen-2 ја испрати првата снимка од блиску од ретката „минимесечина“ на Земјата, астероидот познат како Камоалева (Kamoʻoalewa). Сондата, дел од првата мисија на Кина за враќање примероци од астероидот, беше лансирана на 29 мај 2025 година, и по 13-месечно патување и милијарда поминати километри, стигна до својата примарна дестинација, објавува ScienceAlert.
Од 2 јули, сондата е на околу 20 километри од Камоалева, од каде што го направи овој портрет на „минимесечината“, именувана по хавајска песна за небесен објект кој се ниша. По долго патување од Земјата, Tianwen-2 првпат оптички го забележа Камоалева на 6 јуни, а до 19 јуни му се приближи на 2.000 километри. На почетокот на јули, се приближи на само 20 километри.
Камоалева е премногу далеку за да се смета за вистински сателит на Земјата, бидејќи неговата примарна орбита е околу Сонцето. Сепак, бидејќи орбитира околу нашата планета по елиптична патека на секои 45 години, спаѓа во ретката категорија на „квазисателити“. Тој е еден од само седумте познати астероиди што орбитираат околу Земјата. Припаѓа на класата на астероиди Аполо, кои претежно ја делат орбитата на Земјата околу Сонцето. Сепак, како квазисателит, Камоалева се задржува во близина на Земјата подолги периоди.
Она што го знаеме за ова небесно тело се базира на набљудувања од долги растојанија. Се проценува дека неговиот дијаметар е од 40 до 100 метри, што го прави најмалиот астероид некогаш посетен од вселенско летало.
Како дел од мисијата, Tianwen-2 ќе ја набљудува карпата од орбитата и ќе собира примероци за да се врати на Земјата.
„Меѓу познатите астероиди близу Земјата, 2016HO3 е исклучително редок Земјин ко-орбитален објект“, објаснија физичарот Ронгкијао Жанг од Пекиншкиот центар за лунарни истражувања и вселенско инженерство и неговите колеги.
„Како квазисателит на Земјата, неговиот орбитален период е близок до оној на Земјата, што овозможува пренос со ниска енергија, а исто така одржува стабилно растојание од Земјата, обезбедувајќи поволни услови за следење, контрола и комуникација.“
Истражувачите забележаа дека неговата необична орбита, мистериозното потекло и нерешените прашања за неговите физички својства „го прават убедлив кандидат за решавање на фундаментални прашања за формирањето на Земјините квазисателити и динамичната еволуција на нивните орбити.“
Примероците што треба да се вратат на Земјата треба да помогнат во потврдувањето на теоријата, добиена од телескопски набљудувања, дека Камоалева е всушност откинат дел од Месечината.
По околу девет месеци поминати на Камоалева, Tianwen-2 ќе го продолжи своето патување до кометата 311P, која се наоѓа во главниот астероиден појас зад Марс. Пред тоа, ќе испушти капсула со собрани примероци за време на прелетување покрај Земјата.
Кометата 311P се издвојува со необична прашлива опашка со шест краци, а нејзината форма е сè уште непозната, поради што научниците сакаат да ја проучат одблизу. Покрај тоа, кометата е во орбитата на мисијата Tianwen-2, што ја прави соодветна цел за прелетување. Ова е голема мисија посветена на ситни вселенски објекти, чии резултати со нетрпение се очекуваат.