Европската вселенска агенција (ЕСА) ја објави најголемата и најдеталната слика досега од срцето на Млечниот Пат, снимена откако вселенскиот телескоп Euclid беше насочен кон галаксијата само 26 часа.
За нешто повеќе од еден ден минатата година, Euclid создаде спектакуларен мозаик од повеќе од 60 милиони ѕвезди. Оваа фотографија, направена како дел од мисијата за истражување на темниот вселенски простор, би можело значително да им помогне на научниците во потрагата по планети надвор од Сончевиот Систем во регионот на галактичкиот центар, пишува Space.com.
>> ТУКА можете да ја преземете фотографијата со висока резолуција
Euclid беше првенствено дизајниран да ја проучува темната енергија, мистериозната сила што предизвикува забрзано ширење на универзумот, преку набљудување на далечни галаксии. Поради ова, овој вселенски телескоп е доволно моќен за да ги открие поединечните ѕвезди дури и во централниот, густо населен дел од Млечниот Пат. Другите телескопи не можат да го сторат ова бидејќи се заслепени од светлината на густо населените ѕвезди во тој регион.
Од Euclid беше побарано да ја фотографира централната „испакнатина“ на Млечниот Пат за да им помогне на астрономите да бараат егзопланети, бидејќи тоа е совршено подрачје за т.н. гравитациски микроленсинг (Gravitational microlensing).
Методот микроленсинг е слаба форма на гравитациска леќа, феномен што се јавува кога масивните објекти ја разобличуваат самата структура на просторот. Кога светлината од далечен извор поминува низ ова рзобличување, нејзината патека се искривува. Научниците веќе го користеа овој феномен со одличен ефект со вселенскиот телескоп James Webb за да проучат некои од најстарите галаксии. Но, свиткувањето на светлината може да се користи и за откривање на бледи објекти како планети.
„За да се забележи микроленсинг, треба да се погледнат делови од небото што се преполни со ѕвезди, како регионот во близина на центарот на нашата галаксија“, рече водачот на тимот Жан-Филип Болие од Институтот за астрофизика во Париз.
За набљудување планети со помош на микроленсинг е потребно една ѕвезда да помине пред друга и да дејствува како гравитациона леќа. Присуството на планета што орбитира околу ѕвездата-леќа предизвикува мала, но мерлива промена во осветленоста на ѕвездата во позадина.
„Во последните 20 години, речиси 300 егзопланети се откриени со помош на оваа техника, сите со помош на телескопи на Земјата и сите насочени кон центарот на нашата галаксија“, додаде Болие. „Оваа снимка на Euclid опфаќа 51 познат планетарен систем и ќе помогне во проучувањето на многу други што сè уште не се откриени.“
Додека снимката на Euclid го отвора патот за нови набљудувања, самите податоци собрани во период од 26 часа не покажуваат дека се случило микроленсинг. Причината е едноставна: откривањето на вакви настани бара континуирани набљудувања околу 20 дена.
Наместо тоа, телескопи како претстојниот вселенски телескоп Nancy Grace Roman ќе го набљудуваат регионот во подолги временски периоди и ќе го споредат со податоците од Euclid за да откријат случаи на микроленсинг. Снимката на Euclid ќе служи како клучна почетна точка.
„Во рок од 24 часа, Euclid веќе ги има фотографирано ѕвездите вклучени во сите идни настани на микроленсинг што ќе ги детектира вселенски телескоп Nancy Grace Roman, но пред ѕвездите и планетите да се порамнат“, објасни членката на тимот Наталија Ректини од Институтот за астрофизика во Париз.
„Ова значи дека секој што ќе детектира настан на микроленсинг во истата област, на пример со Nancy Grace Roman, сега ќе може да ги користи податоците на Euclid како временска референца од минатото и да види како изгледале ѕвездите пред преклопувањето. Бидејќи Euclid може јасно да ги оддели поединечните ѕвезди, ќе биде можно да се измери колку брзо се движат со текот на времето и да се користат овие информации за да се потврди постоењето на планета и да се одреди нејзината маса. Ова не би било можно со податоци само од една точка во времето.“
Ова е особено возбудливо за ловците на егзопланети бидејќи другите техники обично наоѓаат топли, масивни планети блиску до нивните ѕвезди.
Методот на микроленсинг, од друга страна, може да детектира помали планети на многу поголеми растојанија од нивните ѕвезди домаќини и со пониски температури. Ова значи дека може да се користи за детектирање на ледени џинови, слични на Уран и Нептун, во широки орбити околу ѕвездите во центарот на Млечниот Пат.
„Овој резултат покажува што може да постигне релативно мал, посветен тим во рамките на голема меѓународна мисија“, рече Валерија Петторино, научник за проектот Euclid на ЕСА.
„Затоа, овие податоци од Euclid ќе послужат како временска референца за минатите и идните мисии и ќе овозможат проучување на егзопланетите и нивните маси. Податоците може да се користат и за други научни апликации, од кафеави џуџиња и бинарни ѕвезди до движењето на ѕвездите и прашината низ нашата галаксија.“