На 12 октомври 1492 година, Кристофер Колумбо се истоварил на Бахамите, но тој не бил првиот Европеец што стигнал до Америка. Тоа го сториле Викинзите околу 1000 година – без кралски прогласи или свечености за добредојде при нивното враќање – наведува BBC, кој од своите архиви извлече приказна за „изгубената историја“ на првите Европејци што го преминале Атлантикот.
Викинзите не го преминале океанот во еден потег; патувале етапно, користејќи ги Исланд и Гренланд како попатни станици. Го откриле Исланд околу 870 година, а Гренланд еден век подоцна. Оттаму, пат од околу 200 милји преку Дејвисовиот Проток ги делел од островот Бафин во денешна Канада. Според нордиските саги, тие ја нарекле оваа област Хелуланд – земја на рамни камења. Потоа продолжиле на југ долж брегот кон Лабрадор, кој го нарекле Маркланд – земја на шуми – и продолжиле уште подалеку на југ кон Винланд, односно земја на виновата лоза.
„Имале цел нов свет за истражување“, изјави Емили Летбриџ од Универзитетот во Исланд во документарната серија на BBC, „Timewatch“.
Нордиските саги – приказни запишани од потомците на Викинзите – денес се сметаат за извор на веродостојни историски факти. Еден од највредните ракописи е Flateyjarbók (Книгата од Флатеј) од XIV век. Во 1893 година, организаторите на Светската изложба во Чикаго сакале да ја позајмнат книгата за да ја одбележат 400-годишнината од патувањето на Колумбо; тие понудиле воен брод, оклопен воз и осигурување од еден милион долари, но Данците – кои во тоа време ја поседувале книгата – не сакале да преземат таков ризик.
Археолошка потврда за приказните од сагите пристигнала со откривањето на нордиска населба во 1960 година, во Л'Анс о Медоус (L'Anse aux Meadows) во Њуфаундленд, Канада. Во 2021 година, истражувачите употребиле нова техника за датирање за да утврдат дека Викинзите биле таму пред 1.000 години. Се верува дека кампот служел како база за понатамошно истражување на Северна Америка.
Ерик Црвениот одиграл клучна улога во оваа приказна. Според сагите, тој пристигнал на Исланд околу 960 година, откако неговиот татко бил протеран од Норвешка поради убиство. Исландскиот парламент, Алтинг – основан во 932 година – го протерал и самиот Ерик во 982 година, по насилен судир со еден сосед. Интересно е што Алтингот се состанувал во долина на расед, токму на местото каде што се спојуваат северноамериканската и евроазиската тектонска плоча.
Ерик подоцна станал првиот Исланѓанец што го открил Гренланд и таму основал трајна населба, која опстојала сè до почетокот на XV век. Таа колонија станала појдовна точка за истражување на Северна Америка, а Викинзите – предводени од синот на Ерик, Леиф Ериксон – очигледно пловеле кон новиот континент во повеќе наврати.
Археологот Роберт МекГи од Канадскиот музеј на цивилизацијата изјави за емисијата „Timewatch“ дека постојат докази кои укажуваат оти Викинзите продолжиле спорадично да патуваат кон Новиот свет уште два до три века по времето на Леиф.
Историчарката Кирстен Сивер, специјалист за средновековна поморска историја, наведе документ кој сугерира дека и самиот Колумбо бил свесен за таквите патувања. Во зимата 1497–1498 година, Англичанецот Џон Деј му пишал за успешното патување на Џон Кабот до Северна Америка во 1497 година, спомнувајќи – како факт што Колумбо веќе го знаел – дека морнарите од Бристол со години пловеле по таа рута. Според Сивер, околу 1480 година тие се обиделе да допловат директно до Северна Америка, која ја нарекувале Островот Бразил, без да застануваат на Гренланд.
МекГи смета дека Колумбо, како искусен морепловец, знаел оти океанот на северната хемисфера најлесно се преминува на северните географски широчини, но сепак избрал подолга рута. Според неговото мислење, можно е Колумбо намерно да го избегнал Винланд, бидејќи неговата цел не била Америка, туку богатствата на Далечниот Исток.