Губењето на арктичкиот морски мраз драматично се забави во последните 20 години, објавија научниците, без статистички значајно намалување на неговиот обем од 2005 година.
Истражувачите велат дека откритието е изненадувачко, со оглед на тоа што емисиите на јаглерод од согорувањето на фосилни горива продолжија да растат и да заробуваат повеќе топлина во тој период, објавува Guardian.
Наведуваат дека природните варијации во океанските струи што го ограничуваат топењето на мразот веројатно го компензирале континуираниот пораст на глобалните температури.
Сепак, сметаат дека ова е само привремено олеснување и дека топењето веројатно ќе продолжи, со околу двојно поголема долгорочна брзина, во одреден момент во следните 5 до 10 години.
Наодите не значат дека арктичкиот морски мраз се опоравува. Обемот на морскиот мраз во септември, кога го достигнува својот годишен минимум, се преполовил од 1979 година, кога започнаа сателитските мерења.
Климатската криза останува „недвосмислено реална“, велат научниците, а потребата за итна акција останува непроменета.
Се очекува Арктикот да остане без мраз подоцна во овој век, што ќе им наштети на луѓето и дивиот свет во регионот и ќе го засили глобалното затоплување откривајќи темен океан што апсорбира топлина.
Студијата, објавена во списанието Geophysical Research Letters, користела два различни збирки податоци за обемот на арктичкиот морски мраз од 1979 година до денес.
Научниците го анализирале обемот на морскиот мраз за секој месец од годината, и во секој случај е забележано забавување.
Стапката на зголемување на глобалните површински температури исто така се забавила во минатото, пред повторно брзо да се зголеми.