Палеонтолозите открија диносаурус што се хранел со овошје. Со големина приближно колку денешна мисирка, поседувал „бизарна анатомија“ – карактеристика што веднаш го привлекла вниманието на истражувачите кои го пронашле овој уникатен примерок.
Студијата дава едни од најсигурните докази досега дека одредени диносауруси развиле специјализирана исхрана поврзана со цветните растенија.
Претходно, палеонтолозите сметаа дека вакво откритие е речиси невозможно. Иако знаеле дека диносаурусите еволуирале за да заземат најразлични еколошки улоги во текот на периодот креда, не очекувале да пронајдат диносауруси што се хранеле со овошје.
Истражувачи од Универзитетот „Стоуни Брук“, Кралскиот музеј на Онтарио (РОМ) и Геолошкиот завод на Северна Дакота ги откриле фосилите во формацијата Хел Крик, поради што го нарекле овој диносаурус Infernogallus, односно „пеколно пиле“.
Пронашле речиси целосен примерок, вклучувајќи череп со делови зачувани во нивната првобитна анатомска положба, како и делумен скелет. Фосилот моментално е изложен во Кралскиот музеј на Онтарио во Торонто. Според студијата, ова е првиот речиси целосен череп од оваа група диносауруси кај кој елементите се задржани во нивниот изворен анатомски распоред.
Infernogallus припаѓа на група диносауруси без заби и со пердуви, познати како ценагнатиди (Caenagnathidae), кои еволуирале од месојадни предци. Откриениот примерок тежел околу 11,3 килограми и имал необични мускули на вилицата, чија структура истражувачите ја реконструирале со помош на CT скенирање. Долната вилица се движела напред-назад, а не само вертикално, што му овозможувало на животното да преработува мека храна.
Што се однесува до исхраната, не се разликувал значително од денешните папагали што јадат овошје.
Според студијата, овој диносаурус ги гмечел сочните плодови, одвојувајќи ги влакнестите, меснати делови од семките.
Истражувачите заклучиле дека овој диносаурус веројатно се хранел главно со месести плодови од цветни растенија, познати и како ангиосперми.
Сепак, овие заклучоци се засноваат на анатомијата на черепот и реконструираната исхрана, а не на содржината на желудникот.
Ова ново откритие би можело да им помогне на истражувачите подобро да ја разберат врската помеѓу еволуцијата на диносаурусите и ширењето на цветните растенија за време на периодот креда.
Според студијата, научниците одамна ја препознале поврзаноста помеѓу разновидноста на тревопасните диносауруси и проширувањето на цветните растенија во оваа ера. Сепак, односот помеѓу овие два еволутивни процеси останал недоволно разјаснет.
Истражувачите сметаат дека кенагнатидите ги развиле овие прилагодувања во исхраната како што месестите плодови станувале поголеми и поразновидни. Студијата, исто така, укажува на можноста дека овие диносауруси, кои се хранеле со плодови, можеби придонесувале за расејување на семињата.
Сепак, останува да се докаже во која мера тоа навистина било така.
„Целосните фосилни остатоци од мали диносауруси, како што е Infernogallus, се исклучително ретки. Невообичаениот череп на Infernogallus претставува возбудливо откритие, бидејќи открива изненадувачки детали за еволуцијата на диносаурусите и специјализацијата во нивната исхрана. Ова откритие покажува дека сè уште има многу што да се научи за светот на Т-рекс – а и за диносаурусите воопшто“, изјави Дејвид Еванс, виш куратор за природна историја во Кралскиот музеј во Онтарио и главен автор на студијата.
Според студијата, овие наоди даваат нови докази за специјализираната исхрана на помалите диносауруси што живееле кон крајот на периодот креда.