Од вселенскиот центар „Кенеди“, вчера тргна екипажот на мисијата на НАСА во орбитата на Месечината - Artemis II. Ова е прв пат по повеќе од 50 години луѓе да се приближат до нашиот природен сателит. За прв пат во историјата кон Месечината полета жена, астронаутката Кристина Кук.
Екипажот на Artemis II го сочинуваат астронаутите Рид Вајсмен, Виктор Гловер и Кристина Кук, заедно со Џереми Хесен од Канадската вселенска агенција. Мисијата е богата со симболика - Кристина Кук ќе стане првата жена што ќе орбитира околу Месечината, Виктор Гловер е првиот Афроамериканец, а Џереми Хенсен првиот Канаѓанец што ќе биде толку блиску до нашиот природен сателит.
Летот ќе трае 10 дена. Првичното лансирање беше планирано за 8 февруари, но низа технички проблеми го принудија датумот да се помести - прво на почетокот на март, а потоа и на април.
Кристина Кук, една од двете специјалистки на мисијата Artemis, е родена на 29 јануари 1979 година. Веќе во 2001 година, таа ја заврши престижната програма на Академијата на НАСА во Центарот за вселенски летови Годард, а потоа почна да работи како инженер. Таа се приклучи на елитниот корпус на астронаути во 2013 година како член на Групата 21, а го заврши своето целосно образование две години подоцна.
Кук може да се пофали со најобемното искуство во вселенските летови меѓу сите членови на Artemis II. Во текот на 2019-2020 година, таа учествуваше во експедициите 59, 60 и 61 на Меѓународната вселенска станица, каде што помина импресивни 328 дена. Во тој период, таа изврши шест вселенски прошетки, со вкупно времетраење од над 42 часа.
Пред да ја започне својата кариера во НАСА, Кук стекна искуство работејќи на развој на инструменти за истражување на вселената и технологија за далечинско инженерство. Три и пол години, од 2004 до 2007 година, таа патуваше низ Арктикот и Антарктикот, спроведувајќи истражувања во екстремни услови. После тоа, таа работеше во Одделот за вселена на Лабораторијата за применета физика на Универзитетот Џонс Хопкинс како електроинженер.
Кристина Кук не е само истакнат астронаут, туку и научник чие разновидно искуство и компетенции ќе бидат клучни за успехот на мисијата Artemis II.
Последниот пат кога луѓето орбитираа околу Месечината беше во 1972 година, за време на мисијата Apollo 17. Оттогаш, сите лунарни мисии беа без екипаж. Дури во ноември 2022 година, како дел од Artemis I, вселенското летало Orion заврши лет околу Месечината, но без астронаути.
Првично, беше планирано слетувањето на луѓето на Месечината да биде за време на мисијата Artemis III. Неодамнешните одлуки на НАСА ги променија тие планови - мисијата закажана за 2027 година ќе се фокусира на тестирање на нови системи и оперативни способности во ниската Земјина орбита. Слетувањето на Месечината беше одложено до лансирањето на мисијата Artemis IV, закажано за 2028 година.