Meta, покрај зајакнувањето на својот тим за истражување на вештачка интелигенција, сака да развие и свои ВИ функции насочени кон корисниците.
Компанијата е во преговори за купување на стартап за клонирање на глас наречен Play AI, пренесува Bloomberg, повикувајќи се на анонимни извори.
Технолошкиот гигант сака да ја купи технологијата на стартапот и да придобие дел од неговиот персонал, се наведува во извештајот.
Play AI овозможува секој да клонира различни видови гласови кои може да се користат за апликации базирани на вештачка интелигенција, како што е корисничка поддршка, стои на интернет-страницата на компанијата.
Стартапот има собрано вкупно 23,5 милиони долари, а меѓу неговите инвеститори се 500 Startups, Kindred Ventures, Race Capital, 500 Global и Soma Capital.
Meta во моментов им дозволува на креаторите на своите социјални платформи да прават сопствени четботови, а на својот Meta AI четбот му додаде и можности за уредување видеа. Купувањето на Play AI би ѝ овозможило на компанијата да вгради аудио функции во својата креативна понуда.