Луѓето денес ја загадуваат животната средина и со лекови кои го менуваат расположението.

Загадувањето предизвикано од фармацевтските производи има потенцијал да влијае на однесувањето и миграцијата на лососот, објавија научниците.
Користеле фармацевтски импланти со бавно ослободување и предаватели за следење на животни за да следат како изложеноста на вообичаени лекови влијае на однесувањето и миграцијата на младиот атлантски лосос во шведската река Далелвен додека мигрирале во Балтичкото Море.
Студијата, предводена од Шведскиот универзитет за земјоделски науки, покажа дека еколошките нивоа на клобазам - лек кој често се препишува за нарушувања на спиењето - го зголемува успехот на миграцијата на рибите од реките во морето.

Исто така, било откриено дека клобазам го скратува времето што му е потребно на лососот да помине низ две хидроелектрични брани долж нивниот миграциски пат, пречки кои обично ја попречуваат успешната миграција.
Маркус Микеланџело, од австралискиот универзитет „Грифит“, кој дал клучен придонес во студијата објавена во списанието Science, ја истакна зголемената закана од фармацевтско загадување за дивиот свет и екосистемите.
„Фармацевтските загадувачи се растечки глобален проблем, со повеќе од 900 различни супстанции откриени во водните патишта низ светот“, рече Микеланџело.
„Особена загриженост предизвикуваат психоактивни супстанции како што се антидепресивите и лековите против болки, кои можат значително да ја нарушат функцијата и однесувањето на мозокот на дивите животни“, додаде тој.
„Зголемениот успех во миграцијата кај лососот изложен на клобазам може да изгледа како корисен ефект“, додаде научникот.
Сепак, предупреди дека секоја промена во природното однесување и екологијата на еден вид се очекува да има пошироки негативни последици и за тој вид и за околната заедница на диви животни.
Многу фармацевтски производи остануваат во животната средина поради лошата биоразградливост и недоволниот третман на отпадните води, рече Микеланџело.
„Со дизајнирање лекови кои побрзо се распаѓаат или стануваат помалку штетни по употреба, можеме значително да го ублажиме влијанието на фармацевтското загадување врз животната средина во иднина“, рече тој.
Како заклучок, студијата покажа дека повеќе лососи под влијание на бензодиазепини успеале да допливаат до морето отколку оние што не биле изложени на лекови, можеби затоа што имале поголеми шанси да го преживеат патувањето. Овие резултати откриваат чудна иронија: луѓето го направија светот по стресен за многу животни, на пример со уништување на живеалиштата и преградувањето на реките. Во исто време, ја загадуваме животната средина со лекови кои го менуваат расположението.